Отворен Скопје Сити Мол, инвестиција од над 100 милиони евра

Новиот трговски центар Скопје Сити Мол - новата визура на Град Скопје, кој нуди реномирани светски брендови и  големи локални трговски марки нуди за потрошувачите од Македонија и од регионот, отворен е официјално вечерва во Скопје.  

Инвестицијата од над 100 милиони евра, која овозможува над 2.000 вработувања, во присуство на претседатателот на државата Ѓорге Иванов, на Собранието Трајко Вељаноски, министри во Владата, претставници на дипломатскиот кор, на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и други јавни личности и гости, ја предаде во употреба премиерот Никола Груевски.

Тој во неговото обраќање пред присутните изрази задоволство од позитивните ефекти од оваа крупна инвестиција.

- Капацитетот се простира на 90 илјади метри квадратни и во најголем дел го градеа домашни компании и домашни работници, трговскиот центар ќе отвори преку 2.000 работни места, а по прв пат во Македонија доаѓаат големите имиња како Керфур , Зара, Масими Дури и многу други брендови за кои нашите граѓани патуваа во странски земји. Денес тоа го имаме во Македонија, посочи Груевски.

Премиерот подвлече и дека новиот трговски центар со сите карактеристи се вклопува во трендот на развој на главниот град.

- Скопје уште еднаш покажува дека расте во духот на познатите европски метрополи во кои е чест и престиж да работи секоја позната компанија. Скопје Сити Мол се вклопува и во трендот на зачестените инвестиции кои се реализираат во Република Македонија, рече шефот на Владата посочувајќи на новите странски инвестиции реалзиирани во државата во изминатите некоклку месеци.    

Со честитки до инвеститорите ФЕШН Груп и Балфин, за како што рече нивната визијата и храброст, и посакувајќи им што поскоро враќање на вложеното, тој изрази задоволство што тие ги препознаа можностите и бизнис условите кои ги нуди Македонија, како и на ЕБОР кои го поддржаа овој проект.

- Нашата земја навистина прераснува во еден од европските центри за инвестиции и развој и се повеќе и повеќе фирми се заинтересирани за инвестирање на својот капитал во Македонија, рече Груевски.

Извршните директори на ФЕШН Груп и на БАЛФИН Зоран Антиќ и Самир Мане истакнаа дека реализацијата на овој проект била огромен предизвик во актуелната економска клима, и оценија оти Македонија претставува одлична локација за инвестирање.

- Со оваа инвестиција видовме дека Македонија има стабилни институции и дека е отворена за странски инвестиции. Добивме силна поддршка како од Владата така и од локалните општини. Се надеваме дека успешноста на Скопје Сити Мол ќе направи можните инвеститори да гледаат на Македонија како на позитивно тло за нови вложувања, рече Мане.  

Клаудија Пендред директор за туризам и недвижности при ЕБОР рече дека причината поради која Банката, заедно со Рајфајсен и Комерцијална банка го поддржаа Скопје Сити Мол со 28 милиони евра, е што тој нуди квалитетен малопродажен простор, 35 проценти од брендовите застапени во него се по прв пат во Македонија и што објектот е енергетски ефикасен.  

- До денес ЕБОР има инвестирано во Македонија преку милијарда евра во над 65 различни проекти. Веруваме дека оваа инвестиција во Скопје Сити Мол ја покажува нашата посветеност и поддршката која што и ја даваме на оваа земја, рече Пендред. 

На 90.000 метри квадратни, од кои 39 илјади метри се за издавање, ќе бидат присутни 150 реномирани светски брендови, како и најголемите локални трговски марки, а ќе бидат достапни за комерцијална продажба од утре.

Зара, Масимо Дути, Страдивариус, Пул енд Беар, Бершка, како и францускиот ланец супермаркети Керфур, се дел од брендовите кои најдоа свое место во Скопје Сити Мол и првпат имаат свој продажен простор во Македонија. Трговскиот центар нуди богати забавни содржини како што се мулти-плекс киното со 3Д технологија на Синеплекс, потоа куглана за семејна забава и деловно дружење Бо Боулинг, многу кафе барови, ресторани, брза храна, козметика, книжарница, детски катчиња, потреби за домаќинство, сервисни услуги и други содржини. Посетителите ќе имаат на располагање и паркинг простор со 1.300 места вклучувајќи подземно ниво и катна гаража.

Во пресрет на свеченото отворање дел од брендовите почнаа со промоција на своите понуди.  Со свој продажен салон во Скопје Сити Мол и воопшто во Македонија од денеска е присутна iSТYLE најголемата мрежа за продажба на производите на светскиот гигант  Apple за подрачјето на Централна и Источна Европа, Блискиот Исток и Африка.

Определбата на Скопје Сити Мол, според најавите, е да ги задоволи потребите на домашните, но и на потрошувачите од регионот за квалитетен и современ трговски простор и да стане најуспешен шопинг центар на Балканот со околу 7,5 милиони посетители во првата година.