Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Би сакале да информираме за неколку одлуки кои беа разгледувани и усвоени на минатата владина седница, а се однесуваат на инвестиции во спортска инфраструктура, намалување на цени кои зависат од државата и поддршка на претприемништвото и иновациите.

Прво, инвестициите во спортот и во спортската инфраструктура заземаат значајно место во политиките на Владата. Како никогаш досега во тек се големи инвестиции во спортска инфраструктура, преку проектите за изградба 170 спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 100 тениски терени и многу други спортски содржини.

На минатата седница, во функција на развој на спортот, но и во функција на обезбедување на подобри услови за масовен спорт и рекреација на граѓаните, Владата одлучи да се реализира проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта, кои ќе бидат изградени на територијата на цела Република Македонија.

Секое повеќенаменско игралиште ќе обезбедува услови за спортување и рекреација во повеќе спортски дисциплини, мал фудбал, кошарка, ракомет и други спортови.

Повеќенаменските игралишта ќе бидат ставени на располагање на сите граѓани за спортување, рекреирање и за натпреварување. Игралиштата ќе можат да се користат од секого и ќе бидат место за собирање и дружење на младите генерации, како и основа за создавање на здрава младина и одлична превентива од пороците на модерното живеење.

По проектот 100-те повеќенаменски игралишта ќе бидат изградени во над 70 општини, независно од нивната големина, степен на урбанизација, политичка припадност на градоначалникот или пак етнички состав на населението, од кои во Скопје и скопскиот регион ќе бидат изградени 25 игралишта, а останатите по половина во источна и во западна Македонија.

Владата и одобри на Агенцијата за млади и спорт, која е реализатор на проектот, во текот на идниот период да распише постапка за избор на економски опeратор кој ќе биде задолжен за изградба на игралиштата, и обезбеди средства кои ќе ги сервисира во повеќе буџетски години. Опeраторот ќе има обврска да ги доврши и оние неколку игралишта кои беа во почетна фаза на изградба, но изградбата беше сопрена поради неизвршување на обврските од претходната компанија која имаше за задача да ја изврши работата и за која беше раскинат договорот од страна на државата. По завршувањето на постапката, ќе се отпочне со физичка градба на игралиштата, и се очекува етапно во фази да бидат пуштани и во употреба, од кои првите, согласно климатските услови од кои зависи градежништвото, се очекува да бидат готови во првите месеци на следната година.

Покрај развој на спортот и придобивките за граѓаните, со овој проект се дава и директна поддршка на градежништвото, и се обезбедува ангажман на работници при изградбата и при управувањето со игралиштата и обезбедување на нивна егзистенција.

Исто така, во насока на развој на универзитетскиот спорт, и обезбедување на услови за спортување и одржување на настава по физичка култура, Владата одлучи да поддржи изградба на две спортски сали кои ќе бидат изградени во кругот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, и на Државниот универзитет во Тетово. Владата ќе учествува со финансиски средства во изградбата на овие сали. Модалитетот на финансирање и модалитетот на изглед на спортската сала, како и потребите и реквизитите во нив ќе бидат определени во консултација со универзитетите.

Второ, Владата донесе одлука да намали уште една цена која зависи од ингеренциите на државата, и го определи новиот износ на надоместокот за издавање на одобрение за ставање во промет на ветеринарно фармацевтски препарат. Претходниот износ од 1300 евра ќе се намали, и тој ќе изнесува 500 евра во денарска противвредност и ќе паѓа на товар на подносителот на барањето за ставање на нов препарат во промет, a сумата ќе се плаќа еднаш, наместо како досега на секои 5 години. Институцијата која ќе го издава одобрението е Агенцијата за храна и ветеринарство. Висината на надоместокот е во висина на покривање на потребните трошоци за испитување на самиот препарат од надлежните институции, согласно светските стандарди, без заработка. Ова е една значајна поддршка на компаниите, и уште едно намалување на цените кои зависат од Владата.

Трето, во насока на поддршка на претприемништвото и иновациите, како модус за развој на бизнисите, и подобрување на конкурентноста на компаниите, Владата одлучи и во Буџетот за 2013 година да се обезбедат средства:
-за покривање на трошоците за аплицирање за испитување на патенти во меѓународни организации за пронајдоците во кои е вклучен барем еден странски иноватор. Министерството за економија ќе го определи учеството во покривањето на трошоците и
-за подмирување на трошоци за организирање на обуки на правни застапници за пишување и поднесување квалитетни меѓународни патент апликации.