Јанкулоска, Бејта и Бајрами ја посетија полициската станица Арачиново

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во придружба на министерот за локална самоуправа Невзат Бејта и градоначалникот на општина Арачиново Бастри Бајрами денеска ја посети Полициската станица во Арачиново.

Пред посетата, соопшти МВР, тие остварија состанок во општински простории каде што се разговараше за актуелните потреби на локалното население. Заеднички заклучок беше дека безбедносната состојба во Арачиново е стабилна и нема посериозни нарушувања. Како показател за тоа беше посочено дека во првите шест месеци од годинава регистрирани се само 40 кривични дела на подрачјето на оваа ПС, од кои највеќе се од областа на имотните деликти, тешки кражби и кражби во куќи и продавници.

Во делот на јавниот ред и мир во првото полугодие од годинава регистрирани се вкупно пет прекршоци од кои сите се расчистени и документирани.

На средбата Јанкулоска, Бејта и Бајрами констатираа дека една од посуштинските потреби за граѓаните е несоодветниот простор каде што се сместени дел од органите на локалната и централната власт. Затоа беше побарано од МВР, ако постојат можности, дел од просторот на Министерството да биде отстапен за сместување на матичните служби, служби за социјални работи.

Министерката Јанкулоска изрази подготвеност да се излезе во пресрет на барањата на граѓаните. Во таа насока, во наредниот период, работни групи ќе изработат предлог за евентуална реализација на ваквата идеја.

Јанкулоска, Бејта и Бајрами констатираа дека сместувањето во ист објект на полицијата и други органи кои се во служба на граѓаните ќе придонесе за натамошно продлабочување на довербата на граѓаните кон институциите.