Стручниот кадар во градинките ќе учи како да препознава насилство врз децата

Воспитувачите и стручниот кадар во градинките ќе учат како да препознаваат деца-жртви на насилство. Проектот „Препознај го насилството“ ќе го спроведува Министерството за труд и социјална политика со Здружението на социјални работници на Град Скопје, најпрво во општините Центар, Аеродром, Шуто Оризари, Битола и Гостивар, а во план е идната година да бидат опфатени сите воспитувачи во градинките.

Министерот Спиро Ристовски на прес-конференција рече дека ќе бидат организирани работилници на кои воспитувачите ќе бидат едуцирани како по симптомите и реакциите на детето да заклучат дека тоа  трпи насилство во семејството (модринки, гребнатинки, мокрење, агресија, повлекување, регресивно однесување, стравови, соматски проблеми, кошмари, изразено сексуално однесување...) 

- Стручните работници од предучилишните установи треба први да го детектираат проблемот поврзан со насилството врз детето. Тоа најголемиот дел од денот го минува во градинката каде што се одвива неговиот целокпуен когнитивен, емоционален и социјален раст и развој. Воспитувачите имаат увид во секојдневните реакции на детето и може да ги воочат првите значи на промена во однесувањето, а имаат можност за секојдневно комуницирање со родителите... Првите сигнали може да бидат резултат на конфликтни и насилни ситуации во семејството што детето ги манифестира на различни начини како отстапувања од неговото секојдневно однесување, согласно со календарската возраст, рече Ристовски.

Целта на проектот е стручните лица да се обидат да ги најдат причините за промените кај детето и да стекнат знаења и вештини за работа со родителите за да се превенираат таквите појави.

- Децата се нашата иднина и мислам дека овој проект ќе ја постигне својата цел и ќе направиме масимум што можеме за едукација на нашите вработени кои секојдневно, преку игра и едукација се во контакт со децата, меѓу кои сигурно има и што претрпуваат одредени проблеми и не можат да зборуваат за нив поради одредени причини, рече Славица Шекутокоска, претседателка на Здружението на социјални работници на Град Скопје.

Здружението немало истражување на терен ниту точна евиденција колку  деца поднесуваат психичко или физичко насилство во семејството.

- Проблемот и во Македонија постои, а од евиденцијата во Заводот за социјални дејности бројот на пријавени случаи во последните години расте, рече Шекуткоска. Министерот Ристовски додаде дека токму  нецелосното внимание и непостоењето анализа за застапеноста на овој проблем е  поттик за спроведувањње на проектот.