Ѓорѓиев: Приоритет ни се проектите, немаме добиено иницијатива за проверка на довербата пред народот
Владата се насочува кон реализација на проекти, а доколку некој сака да ја провери нејзината доверба во самиот народ, постојат конкретни демократски институционални механизми што може да се преземат, а во овој момент такви акти и такви иницијативи за барање доверба на Владата пред народот нема, изјави денеска портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев одговорајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека Владата ќе продолжи да ги спроведува проектите за кои е обврзана пред народот со цел да ги подобрува и задоволува потребите и интересите на граѓаните. Посочи дека меѓу активностите што Владата ги презема и се во тек е и подобрување на изборното законодавство во процедура, заедно и во консултации со останатите политички партии и работни групи.
- Одредени работи на политичката сцена се надмудрувања меѓу политичките партии и, условно, значат димни завеси, чија цел е да се одземе дел од енергијата на Владата и нејзината насоченост за реализирање на конкретни проекти со кои ќе се соочат потребите на граѓаните. Во петокот низ еден демократски механизам на Владата и беше дадена доверба од страна на Собранието и со неа Владата има обврска да се насочи кон реализацијата на проектите, додаде Ѓорѓиев.