Адеми: Одговорноста на компаниите кон животната средина секојдневно се зголемува

Поддршка за вклучувањето на практиките и политиките на општествената одговорност во главните текови во рамки на делувањето на различни чинители во Република Македонија е целта на форумот „Добро за бизнисот, добро за животната средина“ што денеска се одржува во Скопје.

Форумот го организираат Министерството за економија, Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението „Конект“ во соработка со Македонскиот зелен центар, а го отвори министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.

Општествената одговорност, од аспект на животната средина, според ресорниот министер, индиректно произлегува од примената и почитувањето на законите, законските процедури и ратификуваните меѓународни договори за животна средина.

- Министерството презема низа мерки и активности за да ги поттикне фирмите да се прилагодат во насочување кон „зелената економија“, која се потпира на намалување на емисиите на стакленички гасови, поттикнување и користење на чисти технологии кои се најповолни за животната средина, промовирање на доброволна еко-ознака, како и поддршка и обезбедување бенефиции за претпријатијата кои вовеле систем за менаџирање со животната средина, истакна Адеми. 

Тој оцени дека последните години развиени се голем број успешни примери и најдобри правни практики во полето на животната средина. Во Македонија, додаде, свеста на државните институции, но и кај граѓаните сеуште не е на посакуваното ниво. Адеми изрази задоволство што одговорноста кај компаниите секојдневно се зголемува, а показател за тоа е доделувањето на А-интегрирани дозволи на неколку компании. 

Форумот „Добро за бизнисот, добро за животната средина“ е дел од проектот „Општествена одговорност на претпријатијата“.