Потпишан Меморандум за зајакнување на соработката меѓу министерствата за земјоделство на Македонија и на Русија

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, Љупчо Димовски и министерот за земјоделство на Руската Федерација, Николај Фјодоров  денеска во Москва потпишаа Меморандум за зајакнување на соработката во областа на земјоделството.

Како што се наведува во соопштението од македонското Министерство за земјоделство, Меморандумот за зајакнување на соработката во областа на земјоделството е прв конкретен чекор во практично спроведување на спогодбата за соработка во делот на земјоделството, шумарството и водостопанството помегу ресорните министерства. Со него ќе се поттикне развојот на научно-техничката соработка во областа на земјоделството, ќе се разменат информации и искуства од областа на семенарството, ќе се развие соработка во областа на заштитата на растенијата, лозарството, органското земјоделско производство, контрола на безбедноста и квалитетот на производството на земјоделските производи и друго. Соработката ќе се спроведува во повеќе форми, како што е размена на научни кадри, јакнење на капацитетите, заедничко организирање симпозиуми, како и реализација на заеднички истражувачки проекти.

Двете страни, како што стои, ќе ги засилат и поддржат инвестициите, како и трговско - економската соработка во областа на земјоделскиот сектор врз основа на одредбите на внатрешното национално законодавство и меѓународните договори на двете земји, а во рамките на своите надлежности ќе создаваат поволни услови за успешен развој на проектите за билатерална соработка.

Република Македонија и Руската Федерација ќе го помагаат активното учество на претприемачките субјекти на земјоделските изложби кои се одржуваат на териториите на двете земји, во подготовка на специјализирани трговско - економски саеми, а исто така ќе помагаат и за воспоставување на директни контакти меѓу претприемачките субјекти од Република Македонија и Руската Федерација. За спроведување на овој Меморандум ќе се основа македонско - руска работна група за земјоделство.

Двајцата министри го нагласија значењето на потпишаниот меморандум за зајакнување на соработката во областа на земјоделството, кој рамковно-правно  ја определува соработката во сите области од земјоделскиот сектор. Димовски и Фјодоров истакнаа дека ова е прв правен инструмент склучен меѓу двете министерства, кој исклучително позитивно ќе се одрази  во делот на соработката на државно ниво, како и од аспект на задоволување на пазарните потреби на стратешки производи.