Владата посветува особено внимание за социјално ранливите групи

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Грижата за социјално ранливите групи е поле на кое Владата посветува особено внимание. Социјалната политика се димензионира и спроведува за да обезбеди поддршка на овие категории на лица.

Карактеристична социјално ранлива група се децата без родители. За оваа група е потребно повеќе поддршка и помош, и по обем и по квалификации, се со цел овие деца да влезат со рамноправни можности во социјалниот живот и да овозможат личен напредок.

Владата досега го зголеми надоместокот кој децата без родителска грижа го добиваа при напуштањето на институциите за згрижување за 10 пати, од 300 на 3000 евра. Исто така, во насока на обезбедување на можности за образование Владата дава месечна стипендија за секое дете без родителска грижа кое студира на универзитетите.

Во насока на обезбедување на уште поголеми можности за децата без родителска грижа, Владата на вчерашната седница одлучи и формулираше политика која ќе овозможи решавање на станбеното прашање за децата без родителска грижа, и политика на можности за нивно вработување.

Владата одлучи да се задоволат потребите на сите деца без родителска грижа кои се институционално згрижени во домовите за деца без родители. Доколку детето нема никаква можност за стан, тогаш тоа ќе добие стан од државата. Затоа Владата одлучи, во идниот период, најмалку 10% од капацитетите на комерцијални станови кои ги гради АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, да бидат наменети за децата без родителска грижа кои се институционално згрижени и кои ќе ги добиваат бесплатно. Оваа одлука важи и за становите кои се во градба и во моментот. По изградбата становите ќе бидат распределени на децата. Исто така, АДИССДП ќе искористи и дел од останатите станбени капацитети кои ги поседува за оваа намена. Со оваа мерка сите деца без родителска грижа кои немаат стан ќе го решат станбеното прашање, а мерката ќе овозможи по напуштањето на домовите за деца без родители, децата да се сместуваат во станови.

Владата зазема и став дека на децата без родителска грижа кои се сместени во установи, треба да им се овозможат приоритети при вработувањата. Владата го задолжи Mинистерството за труд и социјална политика во идниот период да подготви модел и законски измени кои ќе овозможат давање на приоритет на оваа социјална категорија при вработувањето во администрацијата, и модел за поддршка на вработувањата во приватниот сектор. Во текот на месецот Министерството треба да излезе со конкретен модел.

Оваа значајна поддршка од Владата за решавање на станбеното прашање на децата без родителска грижа и за нивно вработување битно ќе придонесе за подобрување на нивната позиција и обезбедување на услови за квалитетен живот и еднакви можности во општеството.

Во насока на поддршка на социјално ранливите категории, Владата на вчерашната седница одлучи сите услуги кои ги даваат библиотеките, за лицата со социјален ризик да се бесплатни. Ова значи дека бесплатно ќе биде зачленувањето, посетувањето на библиотеките, искористувањето на книгите и дигиталните содржини во нив, со што се дава поддршка на унапредување на знаењата и вештините на овие лица, нивното образование и културен живот.