Учениците од прва година во средните училишта во Скопје ќе пливаат во СЦ „Борис Трајковски“

Учениците од прва година во 21 средно училиште во Град Скопје оваа учебна година ќе пливаат во базенот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Оваа активност е овозможена преку проектот „Пливање“ на Владата, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Град Скопје. Проектот денеска во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ го промовираа скопскиот градоначалник Коце Трајановски и директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ.

- Овозможено е секој ден по три часа средните училишта да имаат отстапено за пливање, вкупно 15 часа неделно. Центарот „Борис Трајковски“ има обезбедено тренери, инструктори и спасители. Од Црвениот крст се вклучени лиценцирани спасители, а од Факултетот за физичка култура во Скопје се вклучени 10 студенти волонтери кои ќе им бидат тренери и инструктори на учениците, рече Трајановски.

Со ова, како што потенцира, ќе се овозможи учениците да научат за пливањето, да нема ученик кој не знае да плива, ќе се добие поздрава младина, поздрави луѓе и развој на пливањето како спорт.

Хорватовиќ изрази благодарност до Град Скопје што им овозможи на учениците бесплатно да доаѓаат до местото каде ги одржуваат овие часови и што СЦ „Борис Трајковски“ овозможи бесплатно да се користи базенот.

- Вкупно 7 илјади ученици од Град Скопје, кои се прва година во средните училишта, во текот на цела оваа година ќе реализираат настава по спорт и спортски активности, односно делот пливање во овој базен. Цениме дека ова е многу корисен проект затоа што првпат учениците од сите средни училишта ќе можат практично да реализираат настава по пливање, рече Хорватовиќ.

Таа информира дека има огромен процент на ученици кои не знаат да пливаат и оти со овој проект ќе се овозможи сите да научат да пливаат.

- Целиот проект е за подобрување на психофизичката кондиција на учениците и тоа води кон намалување на степенот на насилство во училиштата. Овој проект во иднина треба да се проширува, да ги опфати учениците и од другите класови и од внатрешноста на Македонија, рече Хорватовиќ.

Проектот за реализарање на настава по пливање за учениците од прва година во средните училишта на Град Скопје го финансира Владата, преку Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а  логистичката поддршка за организација на часовите ја дава Град Скопје.