Ѓоргиев: Преку два проекти Владата инвестира околу два милиони евра за поддршка на селата и руралниот развој

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Грижата за развој на македонските села и инвестициите во руралниот развој се определба на Владата. Владата спроведува серија на проекти чија што цел е подобрување на условите за живот и стопанисување во селата.

Во соработка со општините Владата во конкретен проект инвестира во изградба на селски патишта не подолги од 1 километар, за селски мостови, пристапни патишта до нивите и пристап до земјоделско земјиште, како и за урбанизација на централните делови на селата. Со овој проект се опфатени 40 помали проекти во 32 села во државата, во различни општини, независно од политичката припадност на градоначалникот или составот на нaселението.

Согласно договорите кои се потпишани, општините за секој проект требаше да ја подмират целокупната инвестиција кон изведувачите на работите, а по исплатата на парите во процедура требаше да бараат рефундирање на средствата во определен процент. Заради притисокот од европската должничка криза и нејзиното влијание врз Македонија, општините ја известија Владата дека имаат притисок и потешкотии да ги исполнат договорите, да ги исплатат средствата, со што се доведоа во опасност проектите.

Владата, на минатата седница, одлучи уште во раната фаза да го преземе финансирањето на проектите од самиот почеток. За таа цел се измени програмата за рурален развој и се определија 100 милиони денари кои Владата, наместо на општините ќе ги исплати на изведувачите на проектите. Значи, на општините ќе остане да го исплатат само својот дел од инвестицијата во висина не повеќе од 30% од инвестицијата, а некаде и во помал процент. Тие немаат обврска да го исплатат инвеститорот па да бараат рефундација, затоа што исплатата ќе ја направи Владата, во висина од најмалку 70% а некаде и повеќе, и со тоа овие инвестициони 40 проекти ќе бидат реализирани без застој.

Од следната недела, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството ќе изврши анексирање на договорите со општините и ќе ја преземе обврската да ги исплати изведувачите на проектите уште во раната фаза, и тоа во износ од најмалку 70% од проектите, согласно претходниот договор со општините. За некои проекти финансирањето од Владата е и во висина од 100% од инвестицијата. Изведувачите треба да бидат спокојни бидејќи ќе добијат средства.

Исто така, во насока на поддршка на инвестициите во селата, регионите и подрачјата со специфични развојни потреби, Владата одлучи да кофинансира  проекти за која цел на општините ќе им бидат префрлени дополнителни околу 20 милиони денари. Овие средства ќе бидат наменети за кофинансирање на проекти колектори, резервоари, краци од водоводна и канализациска мрежа, плански проекти итн...распоредени во 30-ина различни општини по доставени проекти од општините.

Двата проекти значат инвестиции од околу 2 милиони евра во насока на поддршка на десетици села, и руралниот развој, наменети за проекти од непосреден интерес за граѓаните во овие места. Со овие инвестиции се дава и поддршка на градежништвото и вработувањата.

Како трета поента, сакаме да истакнеме дека Владата одлучи во следниот период од 3 месеци да бидат посетени околу 250 села. Селата ќе бидат посетени од страна на 4 стручни тимови од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и АПРЗ кои ќе бидат составени од стручни профили од сите области на земјоделството. Во секое од селата стручните тимови ќе имаат советувања со земјоделците при што ќе се разговара за предизвиците и нивното надминување. Еднаш месечно Владата ќе биде информирана за најголемите предизвици, и ќе бидат предлагани мерки за нивно решавање. Посебен акцент ќе биде ставен на едукација на земјоделците за процедурите за легализација на нивната механизација и за легализација на нивните фарми, процедури кои треба да завршат до август следната година. Јавноста во селата ќе биде информирана за времето на посетата и советувањето, а, исто така, и преку посебни огласни билтени во секое село ќе биде презентирана постапката за легализација и на фармите и на механизацијата. Од јануари до март 2013 година ќе бидат посетени уште 250 дополнителни села.

На овој начин ќе бидат осознаени потребите на земјоделците за унапредување на нивната работа и ќе биде квалитетно завршена процедурата за легализациите со што земјоделците ќе остварат приход во имот кој ќе може различно продуктивно да се ползува.