Пуштено во употреба тениско игралиште во село Орешани Скопје, 11 октомври 2012

Претседателот на Владата Никола Груевски заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски и градоначалникот на Општина Зелениково Веле Груевски денеска пуштија во употреба тениско игралиште во село Орешани, Општина Зелениково.

Премиерот истакна дека вложувањата во спортот, како предуслов за изградба на здрави индивидуи, е само еден од начините на кои Владата на Република Македонија работи за обезбедување на подобра сегашност и попросперитетна иднина на граѓаните на Република Македонија.

Тениското игралиште е изградено по стандардите на Меѓународната тениска федерација во вредност од 5.900.000 денари и е дел од проектот „100 тениски игралишта на Владата на Република Македонија“, реализиран преку Агенцијата за млади и спорт. Располага со осветлување, пристапни патеки, целосна инфраструктуран приклученост и најсовремена подлога. Тениското игралиште ќе биде ставено на располагање на учениците од Основното училиште „Марко Цепенков“, како и на сите граѓани за спортување, рекреирање и натпреварување.

- Досега во употреба се пуштени 31 тениско игралиште, 37 се во фаза на градба и очекуваме тие да бидат завршени до првиот квартал на следната година и со тоа да стигнеме до бројката 68 завршени, а некаде следното лето да започнеме останатите 32 тениски игралишта и со тоа да го завршиме ветениот проект за 100 тениски игралишта, изјави премиерот Груевски.

Претседателот на Владата се осврна и на проектите што ги реализира Општината Зелениково, притоа посочувајќи дека во изминатиот период се изградија ново фудбалско игралиште, ново игралиште за кошарка, а сега и тениско игралиште.

- Овие игралишта ќе им помогнат на многу млади луѓе, тука да ја негуваат својата љубов кон спортот. Без разлика дали ќе се одлучат за фудбал, кошарка, тенис или некој од другите спортови, најбитено е што имаат каде да спортуваат, каде да го трошат своето слободно време, каде да се рекреираат и забавуваат, рече Груевски.

Владата и Општината Зелениково во изминатиот период реализираа повеќе проекти, а меѓу позначајните се изградбата на патот „Таор-село Ржаничино“ со кој општината се поврза со автопатот и Општината Петровец, што е од големо значење за потенцијалните инвеститори, изградбата на патот „Станица Зелениково-Пакошево-Ново Село“, на Далноводот со кој се зајакна напонот и доводот на струја за граѓаните, но и за фирмите кои тука опстојуваат и повеќе други проекти.    

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазе Поповски истакна дека со овој инфраструктурен проект, како и со формирањето на Спортската академија во која е застапена и една паралелка во тенис, овој спорт повеќе не е спорт на одбраните туку станува достапен до сите граѓани на Република Македонија.

Новото тениско игралиште, рече градоначалникот на Општина Зелениково Веле Груевски, е доказ за нашата посветеност за развојот на спортот, притоа давајќи им предност на младите кои сега можат да спортуваат и да го развиваат својот талент на територија на својата општина, поблиску до своите домови.