МЕПСО инсталира прекинувачи што не се сервисираат 15 години, инвестирани 2 милиони евра

Со инсталацијата на трите прекинувачи од типот SF 6 на 400 киловолтно ниво во транформаторската станица „Скопје 4“, АД МЕПСО целосно го заокружи проектот за замена на постоечките прекинувачи.

Покрај овие три прекинувачи, годинава се инсталирани уште пет на  400 киловолтно напонско ниво во трансформаторските станици „Дуброво“ и  „Битола 2“. Во набавката и инсталацијата на новите прекинувачи вложени се еден милион евра.

Во последните две години инсталирани се вкупно 14 нови прекинувачи од типот SF 6 со што е реализирана инвестиција во вредност од два милиони евра. Станува збор за најново технолошко достигнување кое има широка примена во многу национални преносни системи низ многу држави во светот.

- Со оваа инвестиција го заокружуваме процесот на промена на нова генерација прекинувачи од типот SF 6 со кои се зголемува безбедноста и доверливоста на електроенергетскиот систем. Со воведувањето на новата технологија ќе се зголеми доверливоста на овие прекинувачи што е од посебно значаење, но ќе се намалат и трошоците за одржување на овој вид прекинувачи,  изјави генералниот директор на АД МЕПСО, Дејан Бошковски.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, без квалитетна и доверлива инфраструктура во делот на преносот не е можно да функционира електроенергетскиот систем на една држава.

- Најсложениот и најскап дел во делот на разводната опрема во една постројка се прекинувачите. Денеска се комплетира еден проект што се реализираше во изминатите две години од страна на МЕПСО, а тоа е целосно заменување на прекинувачите со нови од најнова генерација. Тоа е еден од елементите за да има доверливо снабдување, оцени вицепремиерот Пешевски.

Тој додаде дека ова е само еден од проектите во областа на енергетиката што се реализираат од страна на АД МЕПСО, а кои се поддржани од Владата. 

Прекинувачите се полнети со специјален гас SF 6 и нивната намена е да вршат исклучување на елементи од мрежата што се под напон. Главна карактеристика е нивната доверливост, значајно подобрување на заштита и доверливоста и функционалност на постројките во преносната мрежа и ниските трошоци за одржување. Прекинувачите се сервисираат по 15 години користење или по извршени 10.000 операции на исклучување на елементите од преносната мрежа во трансформаторските станици.

Трансформаторската станица „Скопје 4“ е најважниот енергетски јазол за градот Скопје затоа што задоволува повеќе од половината од целиот конзум на главниот град и неговата поширока околина. Оваа трансформаторска станица ја прима енергијата од производствените капацитети во РЕК Битола, поврзана е преку трафостаницата „Дуброво“ со интерконективниот далновод Скопје-Солун, а од друга страна преку трансформаторската станица „Скопје 5“ е поврзана и со интерконективниот далновод што ги поврзува Македонија и Србија.