Јанкулоска на состанок на Комитетот на министри за внатрешни работи на Конвенцијата за полициска соработка на земјите од ЈИЕ во Матрахаза

Од потпишувањето на овој значаен меѓународен документ изминаа шест години и со полно право ќе си дозволам да констатирам дека Конвенцијата во изминатиот период со сигурни чекори го трасира патот кон еден од водечките инструменти за полициска соработка во регионот на Југоисточна Европа, потенцираше меѓу другото министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето излагање на 8-от состанок на Комитетот на министри за внатрешни работи на Конвенцијата за полициска соработка на земјите од ЈИЕ, што се одржа денеска на маргините од средбата на министрите за внатрешни работи од „Салцбург Форумот“ во Матрахаза, Унгарија.

Според Јанкулоска она што ја прави Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа уникатна, но од друга страна и универзален инструмент за ефикасна полициска соработка, е тоа што нуди можности за примена на широк спектар на модерни методи и техники кои што претставуваат своевидна рефлексија на современата полициска работа и најдобрата пракса на полициите на државите од Европската унија. Притоа, посочи таа, денешното пристапување кон Конвенцијата на земја членки на ЕУ, Унгарија, а претходно тоа го сторија и Бугарија и Австрија, претставува дополнителна потврда за вистинскиот курс на Конвенцијата.

- Република Македонија во изминатиот период посвети големо внимание на процесот на склучување на билатерални имплементациони договори со своите соседи кои воедно се и Договорни страни на Конвенцијата, истакна Јанкулоска. Таа упати порака дека треба да се продолжи со несмален интензитет во примената на одредбите на Конвенцијата бидејќи само така, преку меѓусебна соработка на партнерски основи и преку посветеност за унапредување на истата, може да се постигне успех во остварувањето на заедничките цели и визии на национално, регионално и глобално ниво.

МВР денеска соопшти дека покрај денешното официјално придружување на Унгарија кон Конвенцијата за полициска соработка на земјите од југоисточна Европа, на состанокот на Комитетот, со кој што годинава претседава соседна Србија, од страна на министрите за внатрешни работи е парафиран анекс на Меморандумот на Секретаријатот на Конвенцијата за полициска соработка со којшто се доутврдуваат начините за натамошно интензивирање на соработката.