Ристовски: ЕК во последниот Извештај констатира напредок во областите труд и социјала

Министерството за труд и социјална политика e исклучително задоволно од нотираниот напредок на ЕК во сите области што ги покрива. Тоа за нас е мотив повеќе она што го работевме минатата година да продолжиме со засилен капацитет да го спроведуваме и следниот период. Знаеме и убедени сме дека следниот период не очекуваат уште поголеми предизвици поврзани со преговорите и со нашето приближување кон ЕУ, изјави денеска на прес-конференција ресорниот министер Спиро Ристовски.

- Во Извештајот на ЕУ во Поглавје 19: Социјална политика и вработување, се вели дека  е направен напредок во областа на социјалната вклученост, Националната стратегија за борба против сиромаштијата и социјалната исклученост за 2010–2020 е усогласена со приоритетите на ЕУ 2020 и оти е обезбедена финансиска поддршка за одделни општини за тие да ги спроведат нивните локални акциони планови за социјална вклученост, рече Ристовски.

Воспоставено е национално тело за следење и евалуација на имплементацијата на Националната стратегија за стари лица за 2010–2020. Забележано е, истакна Ритовски, дека Македонија претседаваше со Декадата на Ромите при што е потенцирано усвојувањето на Стратегијата за вклучување на Ромите 2012-2014, како и преземените мерки и активности за решавање на проблемите на лицата без документи, пристапот до домување и образование. 

Во однос на лицата со попреченост, нотирана е ратификакацијата на Конвенцијата на ЕУ и на ОН за правата на лицата со попреченост и Оперативниот протокол на Конвенцијата, како и процесот на деинституционализација на овие лица и постоењето на 15-те станбени единици во кои досега се згрижени лица во Демир Капија.

- На полето на социјалната заштита забележан е напредок со измените и дополнувањата на Законот за социјална заштита, со кои дополнително се регулираат инспекциските надзори во системот за социјална заштита, како и воспоставениот систем за континуирана едукација на стручните лица во институциите за социјална заштита имплементуирана преку процесот на лиценцирање на стручните работници, рече Ристовски.

Извештајот забележува напредок и во областа на антидискриминација, каде се усвоени Националната стратегија за еднаквост и недискриминација и Стратешкиот акционен план за 2011–2015, во кои се предлагаат мерки за подобрување на правната норма, за подигнување на свеста, за градење на капацитетите и за меѓуинституционална соработка. 

Тој информира дека напредок може да се забележи и во полето на еднакви можности при што се  вели дека Националниот акционен план за родова еднаквост за 2008–2012 се имплементира чекор по чекор, во зависност, главно, од надворешното и внатрешно финансирање.  Забележано е и подобрувањето на состојбата на жените во руралните области, како и подобрувањето на состојбата на жените Роми. 

- Извештајот во делот на социјалната политика и вработувањето (Поглавје 19) вели дека е остварен напредок во однос на трудовото законодавство, односно направени се измени и дополнувања на Законот за работни односи во насока на негово поефикасно спроведување, потенцира Ристовски.

Во овој дел, како што рече, значаен за нас е нотираниот напредок во областа на здравјето и безбедноста при работа каде беа направени измени и дополнувања на Законот за здравје и безбедност при работа и усвоени неколку Правилници кои потоа се користат за   понатамошно доусогласување на нашето закондавство со Рамковната директива (Директива 89/391 на Советот на Европа. Извештајот говори и за почнатата кампања за подигнување на свеста кај градежниците при извршувањето на своите работни задачи.

Според министерот, исклучително значаен напредок е делот кој се однесува на социјалниот дијалог.

- Во Извештајот се вели дека е зајакната улогата на Економско-социјалниот совет како форум за дијалог и политики и кој продолжува и понатаму да функционира, изјави Ристовски. Во Извештајот е посочено дека е назначен ист број на претставници од синдикатите и здруженијата на работодавачи во новиот состав на Комисијата за воспоставување на репрезентативност на синдикатите и задруженијата на работодавачи, и оти се воспоставени првите три локални Економско-социјални совети во општините.  Бипартитниот и трипатритниот социјален дијалог е подобрен, посебно во приватниот сектор и особено за колективното договарање.

Ова е еден од деловите, посочи тој, за кој често пати со години наназад добивавме сериозни забелешки дека во Македонија не постои и оти релно не се остварува социјалниот дијалог.

- Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија во делот на социјалната политика и вработувањето (Поглавје 19) понатаму вели дека е остварен напредок во политиката за вработување, нагласувајќи дека минималната плата беше усвоена на национално ниво. Нотирани се редовните напори на Државниот инспекторат за труд кој презеде мерки на централно ниво за подигнување на свеста и потребата од борба против непријавената работа, рече Ристовски.

Министерот посочи и на Погчавјето 2 - Слобода на движење на работниците каде исто така е забележан напредок во однос на пристапот до пазарот на трудот, како и во областа на координирање на системите на социјална заштита.