Mинистерот Беџети го презентираше поглавјето за правосудство и фундаментални права од Извештајот од ЕК

Eвропската комисија нотира дека е постигнат напредок по однос на независноста и непристрасноста на судството и оти обезбедена е законодавна и институционална заштита, а во однос на ефикасноста на судскиот систем, нотира напредок со намалувањето на севкупниот број нерешени предмети во судскиот систем во целина.

Ова денеска го истакна министерот за правда Блерим Беџети презентирајќи го поглавјето за правосудство и фундаментални права од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија објавен на 10 октомври, каде, како што рече, е претставен реален приказ за постигнатото во изминатиот едногодишен период.

- ЕК го нотира фактот дека главната причина за намалување на нерешените предмети е високата норма на решени предмети кај основните судови во текот на последните три години, како резултат на поголемата процедурална дисциплина и следење на ниво на поединечни судии. Се истакнува дека во последните две години, 27 првостепени судови и четири апелациски судови заедно имаат решено значително поголем број судски предмети отколку што примиле што се должи на организациските мерки, како што се месечните норми воспоставени од Судскиот совет на Македонија, рече Беџети. 

Во делот на професионалноста на судството, посочи тој, ЕК во Извештајот нотира дека Академијата за судии и обвинители обезбедува почетна обука за идните судии и обвинители и континуирана обука за судиите и вработените во судството, канцелариите за извршување и други институции и тела.   

- Во првото шестмесечие од 2012 година во сите основни судови во Македонија во споредба со истиот период во 2011 година се забележуваат позитивни трендови. Приливот на нови предмети во првото шестмесечие од 2012 година во споредба со истиот период во 2011 година е намален за 112,540 предмети или за 36,8 отсто. Во делот на транспарентноста на судскиот систем, ЕК нотира дека судовите од сите инстанци континуирано ги објавуваат предсудите на своите веб-страни, потенцира Беџети.

Тој рече дека во областа на Антикорупциската политика, Европската комисија нотира дека воспоставена е законска рамка, преку измени во Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување на судир на интереси, со што се подобрува верификацијата и извршните овластувања на надлежните органи, иако се укажува на преземање поголеми напори во поглед на спроведувањето на постојните закони.

- По однос на фундаменталните права, ЕК нотира одреден напредок во областа на слободата на изразување, особено во делот на де-криминализација на клеветата. Нотирано е дека правната и институционалната рамка за човекови права е во голема мерка обезбедена, граѓанските и политичките права широко се применуваат и постигнат е напредок. Нотиран е напредок во однос на затворскиот систем. Реконструкцијата на затворите, како и обуката на вработените во затворите продолжува, посочи Беџети.

По однос на обезбедувањето на пристапот до правдата, истакна министерот, ЕК нотира позитивен тренд во обезбедувањето правна помош преку советување од страна на Министерството за правда, како и обезбедување на правото на правна помош за барателите на азил.

Тој укажа дека во делот на малолетничката правда, ЕК нотира дека измените и дополнувањата на Законот за малолетничка правда обезбедуваат поголеми права, подобра заштита на децата жртви и воведуваат посебни мерки за заштита на деца сведоци.

Во делот на изборната реформа, како што нагласи, забележано е подобрување на законската рамка за избори следејќи ги препораките за избори на ОБСЕ/ОДИХР за 2011 година, кои предлози имаат за цел да го зајакнат Изборниот законик особено со зголемување на транспарентноста на кампањата и финансирањето на политичките партии, како и решавање на празнини и недоречености во постојниот Закон.

- Министерството за правда и во иднина ќе продолжи посветено на унапредување и спроведување на приоритетите и активностите поврзани со евро-интегративните процеси, а особено имајќи ги предвид приоритетите кои се дел од Претпристапниот дијалог на високо ниво воспоставен меѓу Европската унија и Република Македонија, додаде министерот Беџети.