Санино: Се надеваме дека Советот на ЕУ ќе ја прифати препораката на ЕК

Стефано Санино генералниот директор на Генералниот директорат за проширување се надева дека Советот на ЕУ во декември ќе донесе одлука Македонија да премине во следната фаза од евроинтеграцијата, како што препорача Европската комисија.

- Состанокот на Европскиот совет е во декември и се надеваме дека ќе биде донесена одлука за продолжување на односите со ЕУ.  Се надеваме како што истакна и комесарот Филе дека јазикот нема да биде статичен и повторување на фактот во однос на препораката на ЕК, туку дека навистина ќе поминеме во следна фаза од односите. Ова бара да ги удвоиме нашите заеднички напори со цел да бидеме сигурни дека до декември ќе имаме позитивна препорака од Советот, рече Санино.   

Запрашан во врска со барањата за преиспитување на визната либерализација и колку е таа реална, Санино рече дека тоа е една од најголемите придобивки што успеавме да ја имплементираме со сите земји од регионот, но останува целта системот да не биде злоупотребен.

- Внимателно го следиме применувањето на визната либерализација. Постои детерминираност да ги држиме вратите отворени и системот да функционира. Но, мора да бидеме сигурни дека тој не се злоупотребува. Ако системот суштествено се злоупотребува ризик постои. Прашање е на одговорност и сите треба да имаме свој удел, рече Санино.

Вицепремиерката Арифи посочи на ангажираноста на Владата во справување со злоупотребите на визната либерализација.

- Како и секоја година,  ние остануваме ангажирани да има минимиум злоупотреби на визната либерализација. Ќе се придржуваме до истите активности, рече Арифи.

Санино се осврна и на преговорите за името и предлог рамката за негово решавање во рана фаза од пристапните преговори.

- Прашањето на добрососедските односи е клучно во овој процес и ние секогаш го подвлекуваме тоа. Веруваме, а тоа го нагласивме и во Извештајот за напредокот дека пристапниот процес ќе го олесни процесот на решавање на спорот за името. Ќе продолжиме да работите заедно со македонските, а исто така и со грчките власти за да се осигураме дека тоа ќе доведе до резултати што ги посакуваме, рече Санино.    

На денешната средба вицепремиерот задолжен за европски прашања Теута Арифи и Санино се осврнале на Извештајот на ЕК, особено на препораките кои треба да бидат адресирани со цел да се продолжи со исто темпо со реформите.

-Честитки до Владата и сите институции кои обезбедија позитивен извештај, но треба да се продолжи на истиот пат во наредните недели и месеци, истакна Санино.