Министерството за транспорт доби сертификат за примена на стандардот ИСО 9001:2008

Министерството за транспорт и врски денеска доби сертификат за примена и понатамошен развој на ефикасен систем за управување со квалитет во согласност со стандардот ИСО 9001:2008.

Имплементацијата на овој стандард, како што информира министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, била почната минатата година и во изминатиот период се донесени сите потребни документи за воспоставување документарен систем за управување со квалитет во согласност со барањата на ИСО 9001:2008.

- Воведувањето на овој стандард ќе овозможи значително подобрување на квалитетот на функционирање од аспект на точно дефинирање на одговорностите на определено работно место, прецизирање на роковите за завршување на задачата, мерење на ефективноста и ефикасноста, идентификување на ризиците на процесите, како и активностите кои треба да се преземат за надминување на тие ризици, нагласи Јанакиески.

Во изминатиот период во ова Министерство биле изработени 76 процедури, осум работни упатства и над 500 записи. - За успешно имплементирање на ИСО 9001:2008, се изработија и процедури за контрола на документи, контрола на записи, интерни проверки, корективни мерки и превентивни мерки. Се изработи Прирачник за квалитет каде јасно е кажана нашата мисија, визија и политика за квалитет, појасни ресорниот министер.

Со исполнувањето на стандардите и применувањето на ИСО 9001:2008, според Јанакиески, ќе се придонесе за значително подобрување на ефикасноста во управувањето со внатрешните процеси, ќе се подобри управувањето и раководењето со човечките ресурси во институцијата, ќе се зголеми продуктивноста и квалитетот на услугите кон крајните корисници, граѓаните и стопанските субјекти, како и ќе се зголеми ефикасноста на работниот потенцијал, нивото на одговорност, стручност, етика, односно ќе се подобри целокупниот придонес од работењето на Министерството за транспорт и врски во општествениот и економскиот развој на земјава.

Министерот Јанакиески информира дека од почетокот на следната година ќе почне имплементација на проектот Document management system што подразбира дека преку електронска апликација, односно преку софтверско решение ќе се следи целокупната работа на Министерството врз основа на донесените процедури. Toa значи дека точно ќе се знае секој предмет каде се наоѓа и во која фаза на постапување, со цел нивно завршување и решавање во рамките на предвидените рокови.

Во Министерството за транспорт и врски веќе се применува електронско скенирање и дистрибуција до надлежните сектори на сите предмети кои доаѓаат.