„Кемет електроникс“ ја отвори фабриката во Бунарџик

Американската компанија „Кемет електроникс“ официјално почна со производство во фабриката во ТИРЗ Скопје 1. Инвестицијата вредна 20 милиони долари отвори сто нови работни места, а за неколку години треба да постигне 500 вработувања. Ќе произведува електронски производи кои се користат во авионската, воената, автомобилската, електронската и другите индустрии.

Официјално фабриката ја отвори премиерот Никола Груевски со целиот владин економски тим, извршниот директор на „Кемет електронкикс“ Пер Луф и американскиот амбасадор во земјава Пол Волерс.

Фабриката се простира на површина од 11 илјади метри квадратни со 9 илјади метри квадратни производствен капацитет. Во моментов има две производни линии, а треба да се пуштат уште седум. Моментално се 100 вработени, до март 2013 треба да достигнат 150, до крајот на 2013 - 250, а до заокружување на инвестицијата со дополнителни 10-15 милиони долари ќе достигне 500 вработувања.

- За нешто помалку од две години откако почнаа разговорите, а за неполна година од почетокот на изградбата,  „Кемет електроникс“ веќе има функционална фабрика во Македонија која почна со производство. Тоа е одлика на добар тим и на одлична организација, рече премиерот Груевски, обраќајќи се на официјалното отворање на фабриката во ТИРЗ Скопје 1.

Според него, од особено значење за Македонија е тоа што „Кемет електроникс“ е еден од најголемите светски брендови за изработка на високософистицирани производи кои се користат во речиси сите електронски уреди. - Присуството на „Кемет“ во Македонија претставува и своевидна покана за многу други фирми со кои соработува меѓу кои се ХП, „Сименс“, „Филипс“, „Нокиа“, „Бош“, „Ериксон“, „Алкател“, „Моторола“, „Циско“ и многу други. Верувам дека голем број од нив ќе го следат примерот на „Кемет електроникс“ и ќе ја разгледаат Македонија како своја следна дестинација, рече премиерот и додаде дека Владата е тука да им овозможи што полесни услови за бизнис, ниски даноци, намалени трошоци, кратки процедури и сето она што претставува интерес на компаниите и нивните менаџменти.

Главниот извршен директор на „Кемет електроникс“ Пер Луф потенцира дека за инвестирање во Македонија се заинтересирале пред две години и дека ја одбрале оваа локација за изградба на нивната нова фабрика иако постоеле и други локации на друго место заради мудрата и паметна маркетинг тактика на македонската Влада. Според него, еден од клучните фактори да инвестираат бил и квалитетот на луѓето во земјава.

Американскиот амбасадор Пол Волерс посочи дека искуството на „Кемет електроникс“ покажува дека Македонија може да биде добро место за водење бизнис. - Се повеќе станува јасно дека Македонија е вистински конкурент на светската бизнис-сцена дури и во овие тешки економски времиња, рече Волерс.

Според вицепремиерот за економски прашања Пешевски за Македонија е битно што „Кемет електроникс“ во земјава ќе произведува дел од нивните специфични делови кои се користат во сите електронски уреди.

- Ми претставува особено задоволство што продуктите на „Боинг“, „Филипс“, ХП, „Дел компјутери“, „Бош“ и ред други светски познати компании ќе ги сочинуваат делови кои ќе бидат произведени во Македонија од страна на македонските граѓани, рече Пешевски.

Вети дека Владата и во иднина ќе продолжи со политиките за подобрување на бизнис-климата и стратегијата за привлекување странски инвеститори.

Директорот на ТИРЗ Виктор Мизо нагласи дека отпочнувањето со производство на „Кемет електроникс“, компанија која има производствени капацитети низ целиот свет, претставува значителен чекор кон целосно искористување на намената и потенцијалот на „Бунарџик“ и нејзино трансформирање во првокласен индустриски комплекс во кој се користи високософистицирана технологија и се врши трансфер на знаење.

- Извозот од „Бунарџик“ во 2011 година претставува 16,3 отсто од вкупниот извоз на Република Македонија. Отворањето на „Кемет електроникс“ значително ќе придонесе  кон зголемување на бројките на извозот од земјава беше, рече Мизо.

Нагласи дека „Кемет електроникс“ е првата од трите компании кои во следниот период ќе почнат со работа во Зоната. До крајот на годинава во сите зони во Македонија, посочи, ќе има 1.300 нови вработувања за разлика од лани кога овој број изнесуваше 500. 

„Кемет Електроникс“ има 23 фабрики во Европа, Северна Америка и Азија со 10.420 вработени. Производствени капацитети има во Мексико, Кина, Италија, Велика Британија, Португалија, Финска, Шведска, Индонезија, Германија, Бугарија и Македонија. Поседува и две специјални компании за електроника - „ФЕЛКО“ во Чикаго, Илиноис, САД и „Дектрон“ во Фарјестаден, Шведска. Продажни канцеларии и дистрибутивни центри има низ целиот свет.

Досега седум компании одлучија да инвестираат во ТИРЗ Скопје 1 и да вложат над 225 милиони евра со што овозможија околу две илјади нови вработувања.