Владата со Фонд, финансиски средства и конкретни мерки ќе ги развива иновациите

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата на Република Македонија на минатата седница ја донесе Стратегијата за иновации 2012-2020 година, заедно со Акциски план за реализација на Стратегијата која ги опфаќа 2013, 2014 и 2015 година.

Стратегијата е основниот и круцијален документ врз основа на кој ќе се формулираат политиките, но и конкретните мерки и активности за поддршка на иновациите. Таа е системска и сеопфатна, ќе донесе нов квалитет, ќе понуди план за развој на оваа сфера и опции за унапредување на перформансите на бизнис заедницата. Резултат е на обемна анализа во која беа вклучени претставници на повеќе сфери, и содржи конкретни патишта и чекори за развој на претприемничкиот дух и инвентивноста, како и начини на остварување на целите.

Владата и финансиски ќе го поддржи развојот на иновациите, и ќе ја финансира реализацијата на Стратегијата. За Стратегијата ќе бидат инвестирани повеќе милиони евра во повеќе години, средства обезбедени од Владата, но и од донации, и специјалните програми на меѓународните организации и Европската Комисија. Во првите три години обемот на финансиска поддршка ќе биде над 3 милиони евра со извесна можност за зголемување. Ќе бидат формирани и повеќе нови државни тела и органи, ќе се спроведуваат голем број на настани, и ќе се имплементираат проекти кои имаат конкретна корист за компаниите.

Стратегијата се насочува во 4 поголеми поглавја:
-Зајакнување на склоноста на бизнис секторот за внесување иновации;
-Зајакнување на човечките ресурси за иновации;
-Зголемување на протокот на знаење помеѓу актерите во иновациите и
-Создавање на регулаторно окружување за поддршка на иновациите

Првото поглавје А. Зајакнување на склоноста на бизнис секторот за внесување иновации претставува столб на стратегијата. Централна поента е создавањето на ново државно тело Фонд за иновации и технолошки развој. Фондот ќе има улога на централно тело креатор на политиките, координатор на системските активности, и поддршка на компаниите. Тој ќе обезбедува техничка помош и консултантски услуги за новоосновани и постоечки претпријатија со цел зголемување на инвестициската подготвеност за воведување на иновации и проширување на бизнисот. Фондот ќе врши и финансирање и кофинансирање на истражувачи и иновациски проекти на претпријатијата. Ќе има улога во комерцијализација на знаењето и науката преку формирање на универзитетски спин новоосновани компании основани од страна на студенти, научни работници и претприемачи- инвеститори. Фондот ќе помага и во остварување на пристапот до регионални финансиски инструменти и меѓународни фондови за иновации. Најдоцна до крајот на годината треба да биде предложен Предлог - закон за иновации со кој ќе биде регулирано формирањето и функционирањето на Фондот за иновации и технолошки развој и секој негов аспект. За формирање на Фондот и негово почетно функционирање Владата обезбеди 1 милион евра.

Во рамките на ова поглавје, втора поента е А.2 Зголемување на свеста на малите и средните претпријатија за користа од иновациите за што се предвидени повеќе активности меѓу кои:
-организирање на настани за мали и средни претпријатија, за промоција на придобивките од иновациите, расположливите стимулации и добрите практики во управувањето со иновациите, и организирање на настани за стимулирање на мрежи помеѓу компаниите, науката и индустријата и интернационализацијата на македонските компании.
-натпревари за започнување на бизнис со цел да се зголеми бројот и квалитетот на иновативните почетни бизниси основани од студенти и млади претприемачи.
-поттикнување на партнерства помеѓу науката, бизнисите и Владата, преку организирање на натпревар на кој најдобрите проекти добиваат техничка и финансиска помош за понатамошен развој, но и други форми на соработка.

Третата поента од првото поглавје е А.3 Охрабрување на приватните инвестиции во истражување и развој, која опфаќа формулирање мерки за:
-поддршка за увозот на опрема за истражување и развој преку намалување или ослободување на даночните и царинските давачки при увоз на опрема за истражување и развој.
-поддршка за да се олесни пристапот на малите и средни претпријатија до банкарски кредити од деловните банки наменети за комерцијализација на иновациите на малите и средните претпријатија.

Б. Второто поглавје е Зајакнување на човечките ресурси за иновации. Ова вклучува инвестиции во научниот и образовниот сектор и зголемување на неговата продорност во насока на инвентивноста. Предвидено е воспоставување на Национален совет за високо образование, наука, иновации и технологии, како тело кое ќе ги превземе надлежностите на Советот за научно-истражувачка дејност, Националниот комитет за научно-истражувачка дејност, Комитетот за технолошки развој и Одборот за етичност. Исто така се предвидува:
-прилагодување на наставните програми и квотите кон потребите на економијата.
-стимулативни мерки за образовен развој на талентираните ученици, како и стимулативни мерки за професорите кои биле ангажирани за подготовка на најуспешните учесници.
-меѓународен натпревар за иновации за ученици од основните и средните училишта и виртуелни бизнис игри кои ги стимулираат секојдневните бизнис активности.
-стимулативни мерки за задржување на домашните истражувачи и привлекување странски докторанти и истражувачи и поддршка на истражувачите и научните работници за учество на научни собири, семинари, конференции и студиски престој во странство
-часови за иновации и обука на студентите за знаења, вештини и способности од областа на претприемништвото
-практикантски програми во траење од 3-6 месеци во текот на студиите за високо образование или веднаш по неговото завршување ќе им бидат овозможени на повисок број на студенти и невработени лица
-воведување на кооперативни додипломски, магистерски и докторски студии и институционална и финансиска поддршка за студентите на магистерски или докторски студии кои се или вработени од страна на компаниите или кои треба да бидат вработени од страна на индустријата по завршувањето на докторското истражување
-јавните универзитети ќе бидат поттикнати да формираат советодавни одбори кои ќе вклучуваат претставници на приватниот сектор    

В. Третото поглавје е Зголемување на протокот на знаење помеѓу актерите во иновациите и опфаќа:
В.1. Поттикнување на бизнис мрежите и кластерите со цел да се овозможи развој на одржливи кластери, создавање на работни места во кластерите и зголемени можности за иновации во кластерите и обезбедување на субвенции за учество на трговски саеми и меѓународни бизнис настани на кластерите, мрежите и поединечните фирми.
В.2. Зголемување на соработката помеѓу истражувачките институции и бизнисите, преку:
-зголемување на капацитетите на претпријатијата и универзитетите за пристап и употреба на надворешни средства (ФП7, ЦИП, ЕУРЕКА и слично) и формирање на електронски регистар на лаборатории и истражувачи, како и веб портал за научно - индустриска соработка,
-создавање на технолошки паркови при универзитетите и користење на лабораториите за проширувања на производството, адаптација на технологиите и тестирање на производите.
-основање на центри за трансфер на податоци и инкубатори при универзитетите, кои ќе пружат поддршка за патентирање и ќе помагаат во создавањето спин-оф и лиценцирање на технологии.
В.3. Вградување на СДИ во Националната стратегија за иновации преку поврзување на мултинационалните претпријатија со домашните добавувачи и со домашните вештини на пазарот на труд.
В.4. Зајакнување на врските со Дијаспората преку електронска платформа за поврзување на домашната истражувачка заедница со научната Дијаспора, поттикнување и кофинансирање на кратки престои на македонската истражувачка дијаспора во матичната земја и поддржување на истражувачката соработка помеѓу македонските истражувачи во државата и странство.

Стратегијата е почеток на една нова ера во македонската бизнис заедница, и научно-образовната дејност како нејзина поддршка. Таа нуди можности за подобрување на конкурентноста на бизнисите, поголема соработка, поголеми знаења и кадров потенцијал, подобра заработка и финансиска кондиција на компаниите преку искористувањето на опциите на иновациите. Владата очекува таа да е значаен катализатор на општествените и економски процеси и да донесе успеси на поголем број субјекти.