Министерството за здравство воведува протоколи за работа во Итната медицинска помош

Министерството за здравство, следејќи ги новините во ургентната медицина, воведува протоколи за работа во Итната медицинска помош кои се однесуваат на интервенциите кои се од витално значење  во работењето на тимовите. Со воведување вакви стандарди се олеснува работата на тимовите, однапред се предвидуваат начините на интервенција и се подобрува нивната ефикасност.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече  дека протоколите содржат општи начела во однос на дејноста на Итната медицинска помош, дел кој е посветен на стадардизирање на нејзината работа, како и начин на примање на повикот, негово пренесување, постапки на место на интервенција, начин на подобра соработка со болниците при пренос на пациент и стандардизирање на пополнување медицински извештаи по завршена интервенција.

- Протоколите на постапка  на итни интервенции  при акутно витално загрозување на животот на пациентот  и нивното стандардизирање се од посебна важност. Изработени се протоколи за третирање итни случаи во областа на кардиологија  (асистолија, тахикардија, брадикардија, миокарден инфаркт, акутна срцева слабост), протоколи од областа на каков било вид на траума со начин на имобилизација според стандарди, за невролошки случаи посебно мозочен удар, за итни случаи причинети од средината (студ, топлина), за труења и предозирања итн., истакна Тодоров.

Форматот на протоколот како алатка ќе биде во печатена верзија која ќе ја поседува секој вработен во Итната медицинска помош, но исто така ќе ја има и во верзија за користење таблет компјутери кои ќе бидат достапни во секое возило на Итната медицинска служба. Таблет верзија овозможува брзо пребарување и користење на содржината на протоколот за итна медицинска помош, како и останатите упатства за практицирање медицина базирана на докази.

Воведувањето на протоколите, заедно со проектот за обука на тимовите за Итната медицинска помош, како и со кадровското доекипирање и набавката на нови амбулантни возила ќе придонесе за натамошно унапредување и стандардизирање на работата на службите за Итна медицинска помош на ниво на цела држава.