Ѓорѓиев: Измени на Законот за трговски друштва за поддршка на бизнис секторот

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата на Република Македонија го усвои предлог законот за измена и дополнување на Законот за трговски друштва.

Со вие измени се даваат нови права во функција на заштита на акционерите, се пропишуваат норми кои обезбедуваат поголема транспарентност при зделките на акционерските друштва, а со дел од измените се дава директна поддршка на компаниите во насока на ослободување на дел од нивните средства од резервниот фонд односно општата резерва како можност истите да бидат искористени на во функција на нивниот бизнис и стопанска активност.

Измените се направени со како резултат на препораките од Светска Банка – тимот на Doing Business, а дел од нив значат и реализација на мерка предвидена во рамките на Високиот дијалог помеѓу Република Македонија и Европската Унија во делот на Главата за Функционална пазарна економија.

Конкретно:

Прво, во насока на поддршка на компаниите, Владата одлучи да ја намали висината на минимумот од општиот резервен фонд на друштвата кој што се пресметува како  процент од зафаќање на нето добивката. Досегашниот минимум од 15% се намалува на 5%. Исто така Владата одлучи вкупниот износ на резерви на друштвото кој претходно беше поставен на нивото од една петина од основна главнина да го намали на ниво една десетина од основната главнина. Значи досегашниот минимум на резервниот фонд од 15%  се намалува на 5%, а вкупниот износ на резервите од една петина од основната главнина се намалува на една десетина од основната главнина. Наместо компаниите секоја година да издвојуваат по 15% од нето добивката за резервниот фонд сега ќе издвојуваат по 5% што е намалување за три пати, и наместо вкупниот износ на резерва да биде една петина од основната главница сега ќе биде една десетина што е намалување на два пати. На тој начин Владата дава поддршка на компаниите, со што им овозможува ослободување на досегашните средства кои компаниите ги чуваа како резерви односно смрзнат капитал, да ги насочат кон нови инвестиции, подобрување на ликвидноста, финансирање на нивната дејност, во услови на економски предизвици.

Второ, со нов член се предвидува надградба во квалитет на постапката за одобрување зделка со заинтересирана страна кај акционерско друштво чии хартии од вредност котираат на овластена берза, и тоа во насока на зголемување на транспарентноста на процесот

АД, пред донесувањето на одлука за одобрување на зделка со заинтересирана страна донесена од надлежен орган на акционерското друштво кое котира на овластена берза, а доколку вредноста на зделката што е предмет на одобрување надминува 10% од вредноста на активата на друштвото определена врз основа на последните ревидирани годишни финансиски извештаи, тогаш задолжително е потребно мислење од овластен ревизор кој ги исполнува условите пропишани со Законот за ревизија и Законот за хартии од вредност.

Мислењето од овластениот ревизор се однесува на тоа дали зделката со заинтересирана страна е во согласност со важечките прописи во земјата, дали е фер, дали вредноста на зделката е утврдена според пазарните услови, дали постои несразмерност во взаемните  давања на страните, дали постојат и било какви други факти и околности кои би можеле да претставуваат основ за причинување на штета со препорака до малцинските акционери дали да ја поддржат зделката со заинтересирана страна

Одредбите од овој член нема да се применуваат  кога друштвото: врши исплата на дивиденда, издава хартии од вредност и дава финансиски услуги кои спаѓаат во доменот на редовното работење на акционерското друштво (банкарски, услуги во работењето со хартии од вредност, услуги поврзани со осигурувањето и сл.) кога истите се регулирани со посебни закони и се под супервизија на надлежен орган).

Трето, во насока на заштита на акционерските права, се даваат нови права за малцинските акционери.

Акционер со право на глас, доколку смета дека друштвото е оштетено поради постоење на очигледен несразмер помеѓу взаемните давања и чинења кои произлегуваат од  договор склучен меѓу заинтересирани страни, кој договор истовремено е нефер, односно вредноста на зделката не е утврдена според пазарните услови може да поднесе тужба до надлежен суд за поништување на договорот, и тоа во рок од една година од денот на сознавањето за постоењето на таквиот договор, но не повеќе од три години од денот на неговото одобрување согласно одредбите на овој закон.

Четврто, се воведува нова обврска, годишната сметка и финансиските извештаи задолжително да ги потпишува сметководителот односно овластениот сметководител кој ги составил, при што го наведува датумот на нивното составување и потпишување и регистарскиот број под кој е евидентиран во Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, а потоа и застапникот на трговското друштво.

Петто, во насока на исполнување на обврска произлезена од Високиот дијалог помеѓу Република Македонија и Европската Унија во делот на Главата за Функционална пазарна економија, се утврдува постапка за утврдување на статус на неактивен субјект и негово бришење од регистарот. Постапката ја поведува Централниот Регистар, фактите ги утврдува УЈП, и го известува ЦР за статусот на друштвото.

Измените на Законот за трговски друштва, се во насока на поддршка на компаниите, исполнување на препораките на Светската банка и Европската Комисија. Тие овозможуваат корист за компаниите преку овозможување на пристап до поголеми средства, ја зацврстуваат положбата на малцинските акционери и им овозможуваат право на судска заштита, ја засилуваат транспарентноста на работа на друштвата и ја подобруваат конкурентноста на националната економија.