Ќе се реконструираат здравствените домови во државата

Министерството за здравство започнува со реконструкција на здравствените домови во државата. Реконструкцијата ќе се одвива во две фази при што во првата фаза ќе бидат опфатени здравствените домови во Пехчево, Валандово, Штип и Ресен, а за околу две недели се очекува да бидат санирани уште четири до пет други здравствени домови.

За реализација на проектот од буџетот на Министерството за здравство ќе бидат одвоени околу 20 милиони денари, средства обезбедени како резултат на заштеди направени во изминатиот период. Во реконструкцијата со сопствени средства ќе учествуваат и здравствените домови со што се очекува вкупната инвестиција за проектот да изнесува околу 30 до 40 милиони денари.

- Идејата на Министерството за здравство е да ја зајакне здравствената инфраструктура во повеќе здравствени домови во внатрешноста на државата и на тој начин да обезбеди подобра и поквалитетна здравствена услуга за сите граѓани. Идејата е еден дел од средствата да ги обезбедуваме ние, а еден дел самите здравствени установи и на тој начин со една заедничка заложба на Министерството за здравство и менаџментот на здравствените установи да постигнеме подобрување на здравствената инфраструктура, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Тој информира дека веќе во тек е реконструкцијата на здравствениот дом во Пехчево која опфаќа санација на кровот и замена на олуците и громобранската инсталација. Вредноста на овој реконструктивен зафат изнесува околу еден милион денари.
 
Веќе се објавени и тендерите за отпочнување на градежните зафати во Валандово, Штип и Ресен. 

Во здравствениот дом Валандово планирана е санација на покривната конструкција во вредност од 1.200 илјади денари, а од болницата во Козле ќе бидат донирани и два котли за парно греење на течно гориво. Со средства од здравствениот дом ќе се реновираат и пристапите и гаражите.

Во здраствениот дом Штип ќе се изврши реновирање на санитарните јазли и ќе се замени водоводната мрежа и за оваа инвестиција предвидено е од буџетот на Министерството за здравство да бидат одвоени три милиони денари. Во санацијата ќе учествува и здравствениот дом, кој ќе изврши замена на дотраените врати во сите санитарни јазли, во вредност од милион ипол денари.

Во Ресен ќе се санира фасада за која од Министерството за здравство ќе бидат одвоени милион и ипол денари, а менаџментот со свои средства ќе учествува во реновирањето на здравствениот дом. Станува збор за целосна реконструкција и санација на оштетени делови и молерисување на фасадата на објектот.