Експерти од Норвешка ќе помагаат во спречување и контрола на загадувањето во Македонија

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми денеска потпиша договор за заедничка соработка на проектот „Интегрирано спречување и контрола на загадувањето во Македонија“ со норвешкиот Центар за експертиза „Норск Енерги“.

Проектот, како што информира Адеми, ќе помогне во зајакнување на капацитетите на Министерството во делот на интегрираното спречување и контрола на загадување и забрзување на процесот на издавање дозволи за усогласување со оперативен план за компании од енергетскиот и металуршкиот сектор.

- Компаниите кои ќе бидат дел од проектот, од странски експерти ќе добијат директни совети во повеќе области со цел полесно да ги решаваат проблемите од областа на животната средина да ги подобрат еколошките перформанси во својата компанија и да обезбедат поголема заштита на животната средина, појасни Адеми.

Министерството, додаде тој, преку директна помош од експерти од „Норск Енерги“ ќе биде во можност многу подетално и сеопфатно да ги разгледа барањата на компаниите за добивање дозволи за усогласување со оперативен план и да го утврди најсоодветното решение за почитување на еколошките стандарди и законодавството.

Интегрираното спречување и контрола на загадувањето, според директорот на Инспекторатот за животна средина Филип Иванов, е сектор кој бара силни заложби за координација, инвестиции и големи одговорности кои истовремено се насочени кон обезбедување одржлив развој на земјата. Во рамки на новиот проект, посочи, предвидени се одредени измени во законската легислатива, а посебно важно е поедноставување на содржината на еколошките дозволи и пресметката на надоместоците за индустријата, со цел да станат потранспарентни за компаниите.

- Особено неопходна е обука на невладиниот сектор, која ќе обезбеди правилно следење и учество во процесот на издавање на интегрирани еколошки дозволи, со што ќе се обезбеди воспоставување блиска соработка меѓу владиниот и невладиниот сектор, рече Иванов.

Проектот „Интегрирано спречување и контрола на загадувањето во Македонија“ претставува продолжување на претходниот проект во чии рамки беше обезбедена техничка помош за изготвување на четири дозволи за усогласување со оперативен план за копмании од енергетскиот и металуршкиот сектор.