Седница на Економско социјалниот совет, со кој заседаваше министерот Ристовски

Министерот за труд и социјална политика и претседател на Економско социјалниот совет (ЕСС), Спиро Ристовски заседаваше со 14. седница на Економско социјалниот совет на чиј што дневен ред се најдоа неколку иницијативи за измени на Законот за работни односи, на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

На денешната седница на ЕСС, соопшти Министерството за труд и социјална политика, се разгледани предлог законите за  изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб)  и на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб).

Изменувањето на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, се подвлекува во соопштението, е поради усогласување со Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување. Се предвидува преку засилување на принципите на добро корпоративно управување и внатрешната ревизија да се подигне нивото на управување со пензиските друштва и пензиските фондови во насока на заштита на интересите на членовите на пензиските фондови. Во таа насока, стои во соопштението, се очекува одговорните лица во пензиските друштва да применуваат стандарди на висока етика и интегритет и на ниту еден начин нема да бидат под влијание на конфликтни интереси и секогаш да се информирани (да се во тек) со прашањата кои се релевантни за нивните одговорности и при тоа ќе се грижат слични стандарди да се применуваат од вработените и секое лице кое ќе го ангажираат за да им помогне во управувањето со пензиските фондови.

Причините за изменување на Законот за добороволно капитално финансирано пензиско осигурување се во начело исти како и кај претходниот закон, соопшти МТСП.

На седницата членовите на Советот беа запознаени и со содржината на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, со посебен осврт на прашањата поврзани со поглавјето кое што се однесува на социјална политика и вработување.  Покрај напредокот во оваа област беше истакнато дека ЕСС ќе продолжи со своите активности во насока на натамошно подобрување, унапредување на работата на ЕСС и на социјалниот дијалог.

ЕСС поконкретно беше информиран и за текот и динамиката на остварувањето на програмата за самовработување со кредитирање и обука кај познат работодавач и беа дадени предлози за натамошно продолжување, подобрување и унапредување на имплементација на програмата, се вели во соопштението.

На дневен ред на денешната седница на ЕСС се најде предлогот за отпочнување на постапка за ратификација на Конвенцијата за трудова експлоатација, Конвенцијата за работни односи, Конвенцијата за колективно договарање и Препораката за работните односи во јавните служби. 

Ратификацијата на овие конвенции е дел и од Националната програма за пристојна работа 2010-2013 година, потпишана од страна на Владата и социјалните партнери во 2010 година. Иницијативата е поздравена и прифатена од членовите на ЕСС.

На барање на синдикатите, иницијативата на Организацијата на работодавачите на Македонија за измени на Законот за работните односи се одложи за следната седница на Економско-социјалниот совет.