Од денеска директна авиолинија Скопје – Дубаи

Македонија се поврза директно со Обединетите Арапски Емирати. Од денеска „Флајдубаи“ лета од Скопје до Дубаи двапати во неделата, во понеделник и во четврток. Скопје е регионален центар на „Флајдубаи“ за овој дел од светот. Компанијата планира во наредниот период да воспостави и повеќе летови во неделата.

- Убедени сме дека македонската маршрута ќе биде успешна, рече на денешната прес-конференција во Скопје Гаит Алгаит, заменик-извршен директор на „Флајдубаи“ по реализација на првиот лет Дубаи - Скопје.

Според него, оваа нова воспоставена линија ќе донесе туристи во Македонија од ОАЕ кои сакаат да ја запознаат Македонија.

„Флајдубаи“, како што рече Алгаит над 40 отсто од нивниот развој на авионски рути годинава се одвива во Централна и во Источна Европа. - Со додавањето и на Скопје, истакна, ние ги поврзуваме Обединетите Арапски Емирати со уште еден пазар што досега не беше доволно опслужуван. Ова ја илустрира нашата посветеност на регионот и во исто време, отвора можности за соработка со различни нации, изјави на прес-конфернцијата на аеродромот во Скопје.

Оваа нова дестинација ќе овозможи за граѓаните на Македонија да се поврзат со 150 други дестинации, вклучувајќи ги Австралија и Далечниот Исток. Авионскиот билет до Дубаи чини 390 евра. Целта е да го направат подостапно патувањето за секој.

Зошто го избрале Скопје како дестинација, од „Флајдубаи“ посочуваат дека се наоѓа на добра географска положба и има добра инфраструктура.

Според директорот на ТАВ Холдинг Мурат Орнакол, овој проект ќе биде добар за сите три страни што се вклучени во него, односно за „Флајдубаи“, Владата и за ТАВ Холдинг.

- Лансирањето директна линија на релација Скопје-Дубаи дефинитивно ќе има многу позитивен ефект пред се за бројната македонска дијаспора во Австралија. Времетраењето на летот и бројот на аеродромски конекции со овој лет драматично се намалува со што Македонците кои живеат во Австралија сега многу побрзо и полесно ќе можат да стигнат до Скопје. Но со директен лет, не само граѓаните на Македонија, туку и жителите на соседните земји сега ќе можат преку скопскиот аеродром “Александар Велики“ директно да летаат до Дубаи, истакна Мурат Орнекол, главниот оперативен директор на ТАВ Холдинг, кој оперирира со македонските аеродорми.

Авиокомпанијата нема добиено субвенции од Владата за воспоставената авионска линија.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески очекува зголемување на бројот на директни линии што ќе се воспостават и со други авиокомпании и посочи дека од почетокот на годината забележан е пораст на бројот на патници за 12 отсто и се очекува до крајот на годината да достигне еден милион.

- Нискотарифните авиопревозници како „Флајдубаи“ нудат превоз по значително пониски цени во споредба со регуларните авиопревозници. Регионите во кои тие оперираат мошне често доживуваат брз економски развој. Вклучувањето на Скопје како дестинација во понудата на компанијата „Флајдубаи“ е  значајно од причина што на овој начин Скопје, освен со Дубаи, индиректно се поврзува и со повеќе од 50 дестинации ширум светот на кои оваа компанија оперира, рече Јанакиески.

Авиокомпанијата опслужува 15 дестинации во Азербејџан, Ерменија, Грузија, Романија, Русија, Србија, Туркменистан, Украина и од денеска, во Република Македонија.

„Флајдубаи“ е основана во март 2008 година, како прв нискобуџетен авиопревозник од Дубаи и новоформиран авиопревозник со најбрз пораст во светот. По почнувањето со работењето во јуни 2009 година, авиопревозникот воспостави оперативна мрежа од авио линии со повеќе од 50 одредишта во заедницата на арапски земји на Персискиот Залив, Блискиот Исток, Северна Африка, индискиот потконтинент, Азија и Централна и Источна Европа и изгради флота од 26 воздухоплови. Нискобуџетниот авиопревозник, што е во сопственост на Владата на Дубаи, ги поддржува трговскиот и туристичкиот сектор на градот опслужувајќи ги сите патници и обезбедувајќи им авионски линии по достапни цени до широк спектар одредишта.