Отворена новата зграда на МНР, Владата продолжува да гради за сите идни генерации

Република Македонија денеска прославува 119 години од формирањето на Македонската револуционерна организација - чин кој остави трајни белези во македонската историја и формирањето слободна независна и суверена држава, нагласи премиерот Никола Груевски денеска на отворањето на новата зграда на Министерството за надворешни работи, честитајќи им го 23 Октомври-Денот на македонската револуционерна броба на сите граѓани во Републиката.

Нашите предци оставиле големи дела, дела за паметење, дела за празнување, што ќе оставиме ние денешните генерации, потенцира Груевски, зависи само од нас. Времето во кое живееме, укажа, е време за реализација, време за инвестиции, време за капитлани дела.

- Ова  е време во кое мора да се гледа кон иднината и да се напредува, да се напредува за себе, за нас, за Македонија, за следните генерации, а патеки за натпревар има многу. Потребно е само желба, многу работа и добра кондиција. Во сите овие изминати години ние решивме напорно да работиме. Решивме да се натпреваруваме пред минатото, во сегашноста и пред иднината. Се натпреваруваме за повеќе вработувања, повеќе инвестиции, подобро образование, подобро здравство, подобро земјоделство, подобро судство, побрза интеграција на земјата во европските и во евроатлантските структури, напредок во индустријата, во градежништвото, во бизнисот, во туризмот насекаде, е пораката што ја упати македонскиот премиер.

Во сите тие приоритети, подвлече, свое место има и инвестирањето во нови објекти кои би ги задоволиле просторните  и инфраструктурни потреби на институциите и потребите на нашите граѓани кои ги користат услугите од овие институции.

Со овој проект, според Груевски, МНР ќе може во целост да одговори на својата уникатна функција, а тоа е претставување и презентирање на државноста, државните политики и достоинството, како на македонската држава, така и на сите граѓани.

- Со самиот проект уште еднаш докажавме дека даваме несебична поддршка на градежниот сектор. На овој објект, како и на многу други капитални објекти кои се изградија и се уште се градат работеа голем број компании и многу работници кои директно и индиректно се поврзани со градежништвото. И токму затоа, во услови на светска економска криза кога во некои други земји се отпуштаат работници, во Македонија се бара работник повеќе во градежништвото, а секој работник повеќе значи приход повеќе во секое семејство. Токму затоа, градежништвото кај нас е еден од носечките столбови во нашата економија. Тоа јасно ја потврдува исправноста на нашите политики и дополнително не стимулира да продолжиме во истиот правец, нагласи премиерот Груевски.

Ние градиме и ќе продолжиме да градиме, подвлече тој, со целата наша вложена енергија, со нашата желба, со посветена работа.

- Низ Македонија се издигаат многу столбови на нови објекти, на нови музеи, на нови училишта, на нови стадиони, спортски сали, нови болници, на нови хидроцентрали, нови згради со социјални  и комерцијални станови, како и многу други објекти. Столбови на нашата државност, столбови кои ќе останат да сведочат за едно време на изградба на Македонија. Столбови за подобар живот на сите граѓани на Република Македонија и столбови за сите идни генерации. Градиме за иднината и така ќе продолжиме, рече меѓу другото во обраќањето премиерот Груевски.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски посочи дека денешниот настан е од историска важност не само за македонската дипломатија, туку и за сите граѓани на Република Македонија.

После 20 години независно постоење, подвлече Попоски, македонската дипломатија се стекнува и со просторни капацитети соодветни за сериозна идна членка во евроатлантските семејства.

- Македонската дипломатија низ изминатите години е значаен учесник во клучните мооменти на развојот на Република Македонија и во клучните збиднувања кои ги дефинираат регионалните и меѓународните односи во современата историја на земјите на светско ниво. Во тие рамки, МНР беше главното јадро на генерирање и реализација на активностите во стекнување меѓународен легитимитет во сите важни заложби на Република Македонија - меѓународното признавање на нејзината независност и сувереност, воспоставувањето, градењето и унапредувањето на добри односи со сите земји во светот, приемот во меѓународните организации, учеството во меѓународните коалиции за одржување на меѓународниот мир и безбедност и креиранње многубројни разновидни активнсоти во насока на што подобра и поквалитетна афирмација на имиџот на Република Макеоднија, истакна министерот Попоски.

Новата зграда, истакна меѓу другото Попоски, претставува и нова можност за македонската дипломатија да се профилира во овие рамки.

- Во Република Македонија денес спроведуваме политика на отвореност кон сите без предрасуди и без стереотипи, политика безусловно солидарна кон сите проекти што произведуваат вреднсоти, деморкатија и просперитет. Нашата земја е конструктивен учесник и иницијатор во регионалната соработка и во соработката со своите соседи. Кристално јасна и недвосмислена е пораката што денес Македонија ја испорачува во светската  јавност-порака за изградба на заедничка иднина во европски и во светски рамки, рече Попоски, додавајќи оти Македонија ги има исполнето сите критериуми за членство во НАТО и е подготвена веднаш да ги започне преговорите за полноправно членство во ЕУ.

Новата зграда на МНР е еден од најголемите објекти кои во изминатите години се градеа во Скопје. Објектот има две подземни нивоа, приземје, седум ката и рамна тераса. Има инсталирано најсовремени системи за греење и ладење со што влегува во класата на енергетски ефикасни објекти. Свој впечаток има фасадната обработка на зградата чии столбови, куполи и склуптури неможат да останат незабележани. Севкупно се инвестирани 13,5 милиони евра.

Сепак, како што рече премиерот Груевски, естетската убавина е само надополнување на функционалноста на овој објект. Со неговата изградба, потсети, веќе нема потреба од кирии и закупнини за МНР кои со години наназад се одлеваат од Буџетот на државата. После многу години Министерството за надворешни работи конечно има свој дом.