Министрите Кралев и Сарачини на Регионален образовен самит во Загреб

На ден 23.10.2012, во Загреб, Република Хрватска, Министерот за образование и наука м-р Панче Кралев, заедно со Министерот за економија г-дин Валон Сарачини,  присуствуваа на Регионалниот Образовен Самит во организација на Министерството за претприемништво и занаетчиство на Република Хрватска; Министерството за наука, образование и спорт на Република Хрватска; Европската Комисија и Центарот на Југоисточна Европа за претприемничко учење.

Во присуство на министрите од осумте предпристапни земји  од регионот на Југоисточна Европа и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија, како и Турција, високи претставници на Европската комисија, беше дискутирано за значењето и потребата од унапредување на претприемеништвото и претприемничкото учење, еден од принципите на Актот за мали претпријатија, како моќен фактор за раст и за обезбедување на нови вработотувања

Во име на Владата на Република Македонија, министрите Кралев и Сарачини го потпишаа Договорот за кофинансирање на Центарот на Југоисточна Европа за претприемничко учење за периодот 2013-2016. Во рамките на конференцијата, министерот Кралев се обрати на округлата маса пред министрите одговорни за образование и претприемништво, од регионот на Југоисточна Европа.

Центарот на Југоисточна Европа за претприемничко учење (Во натамошниот текст СЕЕЦЕЛ) е установа со меѓународен Управен одбор кој го сочинуваат именувани претставници од осум земји дефинирани од страна на ИПА мултикориснички инструмент, како и претставници на Европската Комисија од Генералнтиот директорат за проширување и директоратот за претприемништво и индустрија, Европска тренинг фондација (ЕТФ), Советот за регионална соработка  како и Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД).

СЕЕЦЕЛ во досегашната работа финансиски директно е поддржан од средствата на ЕУ и Република Хрватска. Европската комисија ја прогласи СЕЕЦЕЛ како пример за најдобра пракса за регионална соработка, како и најдобри концептуални решенија во областа на претприемничкото учење како клучна компетентност, а воедно и како прв принцип на Европскиот Акт за мали бизниси, кој сите заедно го спроведуваме во рамки на припремите за пристапување кон ЕУ. Поради најнапредните решенија во подрачјето на југоисточна Европа,  СЕЕЦЕЛ е прогласен за референтна точка за земјите членки на ЕУ.

Претприемничкото образование, зема значајно место помеѓу приоритетите на Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука.

Креативноста и иновативноста се потребни во секоја пора од општествениот и економскиот живот на Република Македонија. Затоа Министерството за образование и наука во континуитет  превзема мерки со кои претприемничкото образование се практикува како дел од редовниот наставен процес, како и преку бизнис проекти коишто вклучуваат наставни и вон-наставни активности. Училиштата имаат значајна улога во креирање и реализација на претприемничкото образование, затоа што најголем дел од претприемничките вештини можат да се вградат и изучуваат во редовните наставни програми.

Заложба на Министерството за образование и наука е иновативното размислување и претприемачкиот менталитет преку образовниот процес да го овозможиме достапно за сите млади луѓе, бидејќи тоа е клучно за успех како на личен план, така и за просперитеот и напредокот на севкупниот економски и општествен развој.