Пуштен во употреба новиот мост на Вардар што ги поврзува Сарај и Ѓорче Петров

Новиот мост на реката Вардар што ги поврзува населбите Ѓорче Петров и Сарај кој ќе овозможи безбедно одвивање на сообраќајот, поголем проток на возила и одлична врска со омилените рекреативни места на скопјани - езерото Треска и кањонот Матка, денеска официјално е пуштен во употреба. 

Новиот мост, капитална инвестиција вредна 96,8 милиони денари, е со вкупна должина од 50 метри, паралелно е поставен на постоечкиот Железен мост над реката Вардар во Сарај кој е изграден пред повеќе од 50 години.

Премиерот Никола Груевски на свеченоста по повод пуштањето во употреба на овој инфраструктурен објект изрази задоволство што тој се реализирал бидејќи, како што подвлече, претставува ветување кое што оваа Влада го исполни за разлика од сите поранешни влади и градоначалници на Скопје кои не успеале да смогнат сили да го направат.

- Мостот ги поврзува Сарај и Ѓорче Петров. Од едната страна е минатото, од другата страна е иднината. Од една страна е историскиот Железен мост кој го граделе Германците, а од другата страна е новиот армиран бетонски мост кој го изгради Градот Скопје со поддршка на Владата и на општината Сарај. Сега кога мостот е изграден можеме да констатираме дека е исполнето уште едно ветување кон граѓаните, посочи Груевски.

Тој посочи и на симболиката на мостовите како метафора за поврзување на граѓаните и културите.

- Мостовите симболизираат комуникација и интеграција и ги надминуваат препреките во меѓусебните односи. Ние како Влада и понатаму ќе продолжиме да ги поддржуваме проектите кои ги поврзуваат луѓето и кои се од корист за сите граѓани на Република Македонија, рече Груевски, кој воедно на албански јазик им го честита на исламските верници утрешниот празник Курбан Бајрам.

На свеченоста се обрати и вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери кој особено го поздрави фактот што со овој мост се решава еден реален проблем на граѓаните од општините Сарај и Ѓорче Петров.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски се заблагодари за поддршката и соработката на Владата, како и на општините за реализација на овој, како што го нарече, стратешки проект кој има значење не само за општините, туку и за Градот Скопје.

- Подобрувањето на ефикасноста и безбедноста на сообраќајот за сите учесници е за наше добро затоа што заедно можеме да придонесеме за идните генерации. Со оваа инвестиција јасно се покажува дека Општина Сарај е дел од Градот Скопје бидејќи и граѓаните на Сарај се граѓани на Градот Скопје што се покажува со вакви конкретни реализирани дела. Овој мост нека биде симбол на заедничкиот соживот, на поврзување на двете општини и на продолжување на меѓусебната комуникација која не ќе беше можна доколку останеше стариот Железен мост изграден од Германците за време на Втората светска војна, рече Трајановски. 

Пред присутните се обратија и градоначалниците на Сарај и на Ѓорче Петров, Беким Мурати и Сокол Митревски, кои го подвлекоа значењето на мостот за унапредување на развојот на двете општини и за побезбеден сообраќај со поголема проточност.

На мостот е изграден коловоз со две сообраќајни ленти со широчина од по 3,5 метри. Има и велосипедска патека широка 2,5 метри, како и пешачка патека со ширина од 1 метар. Мостот е осветлен со канделабри. Во текот на неговата изградба асфалтирани се и пристапните улици од страната на Ѓорче Петров и на Сарај, како и дел од магистралниот пат од Скопје кон Тетово.