Министерот Ивановски учествуваше на сесијата за дигиталната ера на Светскиот конгрес за ИТ

Македонскиот министер за информатичко општество Иво Ивановски, за време на тридневниот Светски конгрес за информатичка технологија во Монтреал, учествуваше на сесијата на светски познатиот новинар Лари Кинг со наслов „Дигиталната ера и влијанието врз нашето општество“.

Како што соопшти денеска Министерството за информатичка технологија и администрација (МИОА), на прашањето во која насока ќе се движат владите министерот Ивановски одговорил дека модернизацијата ќе овозможи владините услуги да бидат достапни преку нашите т.н. паметни телефони.

- Тие ќе претставуваат наша лична карта, возачка дозвола, патна исправа и се останато што ни е потребно за идентификација. Ќе стигнеме на ниво кога самите компјутери ќе ги задоволат нашите потреби без ние да бидеме информирани или да преземаме некои посебни мерки. Можеби само да забележиме на изводот од банкарската сметка дека автоматски е уплатено за нова патна исправа, бидејќи на постоечката и истекол рокот и дека автоматски е издадена нова, која е дигитално испратена до нашиот телефон. Владините услуги ќе бидат достапни 24 часа, седум дена во неделата и 365 денови во годината, навел Ивановски.

Тој се осврнал и на даночната политика на Република Македонија, која во изминатите години беше насочена кон намалување на даночните стапки, а зборуваше и за проектите во насока на модернизацијата на образовните процеси, обуките на граѓаните во разни општествени области, либерализацијата на телекомуникацискиот сектор, како и за стратегиите за развој на информатичкото општество.

Како претставник на македонската Влада и во својство на член на одборот на директори на Kомисијата за широкопојасен интернет за дигитален развој и на Советодавниот одбор на Светската информатичка технологија и на алијансата за услуги, министерот Ивановски, заедно со Карлос Слим Домит, синот на Карлос Слим, како и претседателот на водечката канадска мултимедиска компанија Бел Медиа (Bell Media), Кевин Крул, ги предложиле регулаторните рамки на пазарот на информатичко-комуникациската технологија. Тие заклучиле дека прописите се неопходни, но истовремено предупредуваат дека строгите и нејасни правила можат да имаат негативно влијание врз развојот и иновациите.

На Конгресот во Монтреал учествуваа над 3.000 високи извршни директори и носители на одлуки од повеќе од 80 земји во светот. Целта на тридневниот собир, кој се одвиваше под мотото „Една визија за глобалното дигитално општество“, е да се создаде акциски план кој ќе ги воспостави принципите за максимизирање на потенцијалот што дигиталните технологии можат да го понудат низ различни сектори и институции.