Ристовски: Семејствата треба да го сфатат ризикот од намалувањето на наталитетот

Семејствата треба да го сфатат ризикот од популациската слика со кој ќе се соочиме за 50-тина години кога нашите деца ќе живеат во ризик каде што ќе постои неодржлив економски и пензиски систем, истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој по денешниот настан на кој се разгледуваше Глобалната анкета на Меѓународната конференција за население и развој (ИЦПД) „По 2014-тата“, посочи дека секојдневните проблеми може да се надминат само доколку се фокусираме вистински на проблемот со наталитетот без политика и посебни интереси во насока на зголемување на бројот на населението.

- Владата воспостави различни економски мерки, но последните пет години анализите покажуваат дека економската стимулација не секогаш е основниот начин врз основа на кој може да се стимулираат семејствата. Ова прашање секое семејство мора да си го постави само на себе бидејќи мерките што ги спроведуваме за трето дете, бесплатни учебници и превоз за учениците се мерки кои помагаат само на определени семејства, изјави Ристовски.

Покрај порблемот со миграцијата, работата во странство и напуштањето на работните места, како и внатрешната миграција од помалите градови и селата во Скопје, министерот посочи дека прв и основен приоритет на Владата е да работи на намалениот интензитет на новородени деца.

- Имаме запрепастувачка ситуација на еден пензионер во моментот работат и одговараат за него 1,7 вработени лица што е тешко одржливо за целокупниот пензиски систем во Република Македонија, а до пред 20 години за потребите на еден пензионер работеа четири до пет лица, појасни Ристовски.

Тој посочи дека во Скопје има притисок за вклучување деца во детските градинки, што не е случај и со другите градови во источна, централна и јужна Македонија, каде не може да се наполни основниот број деца во градинката, а тоа се рефлектира и на бројот на учениците.

- Ние имаме поголем број починати, отколку новоредени лица. Тоа посебно е изразено во определени региони во источна и централна Македонија, таму веќе има целосно испразнување на градовите, додаде ресорниот министер.

Ристовски најави дека Владата работи на нов пакет мерки и активности кои треба да помогнат во зголемување на наталитетот во Република Македонија, односно директна борба со мерки против стареењето на населението и демографската рецесија со која се соочуваме во последните 20 години.

Министерот за труд и социјална политика рече дека преку одговорите од Глобалната анкета „По 2014-тата“ ќе биде утврдено до каде е државата во имплементација на Акциската програма од Каиро и кои се бариерите што треба да се премостат во целосното имплементирање на агендата во Каиро. 

- Република Македонија во поглед на учеството и своите обврски реализира повеќе активности во различни области со оглед на тоа што приоритетните цели утврдени во Каиро не се однесуваат само на стареење на населението и на наталитетот, туку се работи на поголем број активности поврзани во корекции на образовниот систем, миграциската политика - внатрешна и надворешна, инфрасруктурните политики, економскиот развој, борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост..., истакна Ристовски нагласувајќи дека целта е во следниот период земјата да ги постигне утврдените приоритети, а со тоа да ја подобри и целокупната демографска слика.