Реномирани професори во пензија ќе ги едуцираат лекарите во болниците

Реномирани професори во пензија од Медицинскиот факултет во Скопје од 1 октомври се ангажирани да помагаат во извршувaње на работните задачи, едукација и трансфер на знаење во јавни здравствени установи низ државата во рамки на проектот на Министерството за здравство.

Целта на проектот, спoред ресорниот минситер Никола Тодоров, не е да се одговори на дефицитарност во јавните здравствени установи, туку да се одговори на разликата која се јавува на нивото на знаења и вештини меѓу терцијалното и секундарното ниво во Скопје и секундарното ниво во другите градови во Македонија.

- На овој начин сакаме да овозможиме еден сериозен трансфер на знаења и подобра избалансираност на нивото и квалитетот на здравствени услуги кои се даваат во јавните здравствени установи во Република Македонија. Да го подгинеме нивото на знаења и вештини надвор од Скопје, рече Тодоров.

Тој информира дека засега се ангажирани пет професори. Еден во Градската општа болница во Скопје, и по еден во Охрид, Тетово, Куманово и во Велес. Според Тодоров, проектот не е временски ограничен и ќе бидат опфатени и други заинтересирани професори кои се пензионирани во последните две-три години.

Реализацијата на проектот, додаде Тодоров, довела до позитивни реакции и од вработените во болниците, но и од пациентите.

Професорите работат десет дена по осум часа во текот на месецот, а ќе добиваат месечен надомест од 15.000 денари.

Прашан за обвинувањата од српска козметичка компанија дека две фирми во Македонија произведуваат и продаваат канцерогени шампони за деца, Тодоров рече дека Државниот санитарен здравствен инспекторат извршил проверка на мострите од репроматеријали кои се увезувани за нивно производство и оти се земени мостри и од производите.

- Очекуваме резултатите да бидат готови за 48 часа, по што ќе може да излеземе со конкретни информации за составот, содржината и евентуална канцерогеност. Доколку се утврди такво нешто ќе бидат преземани соодветни мерки, а ако не тоа ќе биде сериозен напад од некои комерцијални поводи врз македонски компании, а властите треба да ги заштитат, рече Тодоров.