Попоски учествуваше на средба на министрите за надворешни работи на Вишеградската група

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Вишеградската група, Западниот Балкан, Бугарија, Грција и Романија, што се одржа во Варшава, Полска.

Годинешниот состанок во Варшава под полско претседателство беше во проширен состав со земјите-членки на ЕУ од Југоисточна Европа – Бугарија, Грција и Романија. Централна тема беше евроинтеграцијата на земјите од Балканот, во светлина на штотуку објавената Стратегија на Европската комисија за проширувањето на ЕУ 2012-2013 и извештаите за напредокот на секоја од земјите од процесот на проширување. 

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, министерот Попоски во своето обраќање истакнал дека е корисно што има успешни земји од регионот. - Земјите што се веќе членки на ЕУ како Грција, Романија и Бугарија кои што го имаат поминато патот треба да послужат како водилка на земјите кандидати во текот на процесот кон нивно полноправно членство. ЕУ потребно е да биде принципиелна и строга кон неопходните реформи но истовремено праведна кон оние кои соодветно ги исполнуваат и напредуваат во реформските определби. Европската Унија се основа на правила кои што треба да се почитуваат, се вели во соопштението.

На средбата е покажана континуирана поддршка од Вишеградската група за одржување на динамиката на процесот на проширување на Европската унија. Учесниците ги потврдиле заедничките вредности на мирот и стабилноста, демократијата, човековите права, економскиот развој, владеењето на правото и регионалната соработка. Како заеднички заклучок, според соопштението, е констатирана потребата и интересот од страна на Вишеградската група за продолжување на блиската соработка со земјите од Западен Балкан, што секако и во иднина вклучува неформални средби помеѓу министрите за надворешни работи на Вишеградската групата со нивните колеги од регионот.

На маргините на состанокот, министерот Попоски имал одделни разговори со колегите од Полска, Словачка и Унгарија, при што сите изразиле поддршка за процесот на европската интеграција на Македонија и очекувања за позитивен развој на настаните на декемврискиот Европски совет.

Министерот Попоски во рамки на посетата на Варшава се обрати и пред Полската школа за јавна администрација на тема „Македонија и ЕУ: 7 години земја-кандидат, 7 причини повеќе за конечно да се донесе одлуката за почеток на преговорите за членство во ЕУ“.

- Високо ја почитуваме работата на Полската Школа за јавна администрација и можностите за билатерална соработка во едукацијата и подготовката на кадрите на македонската државна администрација, особено во контекст на евроинтегративниот процес, истакнал министерот Попоски.

Според него, креирањето професионална администрација претставува предизвик за секоја земја кандидат за членство во ЕУ, но и мотивација за одржување и натамошно усовршување на квалитетот на администрацијата како дел од Унијата.

Попоски пред слушателите во Школата нагласил и дека постојат многу причини зошто ЕУ треба оваа година да ги отпочне преговорите со Македонија, која е веќе седум години земја кандидат за членство, и оти не постои ниту еден рационален против аргумент. За Македонија нема друга алтернатива освен да го следи патот кон членство во ЕУ. Одлучни сме да истраеме на овој пат додека не стигнеме до крајната цел, а се разбира во соработка со земјите пријатели на проширувањето, како што е и Република Полска, нагласил министерот Попоски.