Банка за чување матични клетки - нов владин проект во здравството

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата има стратешка определба за континуирано унапредување на медицинската заштита, нега и грижа, како и обезбедување на поквалитетни услови за задоволување на интересите и потребите на пациентите. Развојот на модерните технологии и техники, и новите трендови во здравствената заштита даваат нови можности кои значат нов квалитет во дејноста.

Прогресот нa медицинската наука овозможи се повеќе да се практикува лекувањето преку трансплантација на матични клетки.  Преку оваа терапија може да се лекуваат голем број малигни и немалигни хематолошки заболувања, и има потенцијал да биде третман за наследни метаболни заболувања, вродени имунодефициентни состојби, солидни тумори и автоимуни заболувања. Почетни позитивни резултати се реферираат и кај пациенти со срцев инфаркт, болести на крвните садови, мозочен инфаркт, повреди на мозокот, корнеални оштетувања, шеќерна болест, Алцхајмерова болест, Паркинсонова болест и други.

    Постојат неколку основни извори на матични клетки меѓу кои се клетките кои се обезбедуваат од коскена срцевина, периферна крв и клетки од папочната врвца. Овие клетки, по обезбедувањето на примерокот, се замрзнуваат и се чуваат во специјализирани банки за оваа дејност и се користат кога има потреба од лекување.

    Во Република Македонија нема банки за чување на овие клетки и нема државна установа или пак установа со значително учество, која се занимава со оваа дејност, туку има само приватни компании кои соработуваат со странски банки на матични клетки, при што цената на оваа услуга за земањето, транспортот, типизацијата и криопреципитацијата на матични клетки од папочната врвца чини помеѓу 2000-2500 УСД, а за чување дополнително околу 200 УСД годишно.

Владата усвојувајќи ја информацијата на Mинистерството за здравство за потребата од воспоставување на банка на матични клетки, зазема став да започне процесот кој би резултирал со отворање на банка на матични клетки во Република Македонија, во чие што формирање државата би имала значајно учество бидејќи проектот би се воспоставил како јавно приватно партнерство.

Учеството на државата во овој процес кој е потребен за граѓаните ќе донесе нов квалитет во дејноста, и ќе овозможи помала цена на услугата, но и значително поголема достапност за оваа услуга за граѓаните. Со домашна банка во секој момент би можеле да се користат клетките кои се криопреципитирани (замрзнати), а би се намалиле и трошоците за транспорт во двата правци и за самото вадење на клетките и обезбедување на примерокот.

Исто така, со оваа банка би се овозможилo, покрај користење на клетките за лекување на евентуални болести на донорот на клетките и неговите роднините, и лекување на трети лица кои се сродни по типизација со донорот иако немаат крвна врска, за што би се формирала и база на донори чии клетки може да се користат во соодветна процедура која ќе биде утврдена со закон.

Владата, преку Mинистерството за здравство веќе е во процедура на изработка на физибилити студија за формирање на банка на матични стем клетки со јавно приватно партнерство, со цел подетално утврдување на условите и критериумите за формирање на ваква банка.

Рамката во која би се движела анализата и формирањето на банката на матични клетки со јавно приватно партнерство се состои од следното:

Прво околу обврските и правата.
Обврска на Јавниот партнер - Министерството за здравство
1.Oбезбедување на просторни услови во некој од објектите на јавното здравство во големина до 700 м2 за лабораторија и банка, наменет за криопрезервација на стем (матични) клетки.

Права на јавниот партнер:
1. Јавниот партнер има право на бесплатно користење на 25 - 40% од капацитетот на банката за потребите на јавното здравство;
2. Нето-добивката пред оданочување ќе се подели согласно условите прецизирано согласно договорот.

Обврски на приватниот партнер
1.  Управување и организацијата на објектот;
2. Адаптација на просторот согласно стандардите на Европска Унија за лабораторија и банка за матични клетки и законите на РМ;
3. Опремување на лабораторијата и на објектот согласно прописите на Европската Унија за чување на стем (матичните) клетки;
4. Вработување на лица - стручен персонал и нивно едуцирање за работа во банката;
5.  Континуирана обука на стручниот персонал.

Права на приватниот партнер:
1. Нето-добивката пред оданочување ќе се подели согласно условите прецизирано согласно договорот.

Второ, банката ќе работи со:
1, Јавни примероци и ќе врши нивна криопрезервација врз основа на анализата за нивната компатибилност;
2, Примероци од приватни лица кои го посакуваат приватното чување на стем (матични) клетки како семеен пакет за лична употреба;
3. Во понатамошниот период ќе се овозможи поврзување со меѓународната мрежа на јавните примероци со можност на нивна размена и давање на услуги.

По физибилити студијата Министерството ќе ја информира Владата за насоките и аргументите од истата по што ќе се определат детали за понатамошно движење во процесот за потоа да биде распишана постапка за јавно приватно партнерство. Студијата треба да е готова најдоцна заклучно со првиот квартал на 2013 година, а согласно насоките, во рок од 6 месеци по усвојувањето на моделот и финалната одлука на Владата би можело да се очекува и отворање на банката. За сите фази од процесот јавноста ќе биде информирана тековно

Реализацијата на овој проект ќе донесе придобивки за граѓаните, пред се во гарантирањето на дејноста, нов квалитет во дејноста, достапноста на услугата и намалување на цените за користење на оваа услуга.