Компанијата „Нула отпад“ доби дозвола за постапување со отпадни батерии и акумулатори

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и амбасадорот на Кралството Шведска Ларс Валунд денеска на компанијата „Нула отпад“ и доделија дозвола за колективен постапувач со отпадни батерии и акумулатори.

Дозволата е во согласност со Законот за управување со батерии и акумулатори и отпад од батерии и акумулатори, со кој, според ресорниот министер, се уредуваат барањата за заштита на животната средина што мора да се исполнат при производство на батериите и акумулаторите, нивното пуштање на пазар, обврските и одговорностите на производителите кои учествуваат во тие процеси.

Адеми смета дека компанијата со својата работа ќе влијае на подигање на јавната свест за штетноста на супстанциите кои се користат во батериите и акумулаторите врз животната средина и здравјето на луѓето, како и за потребата овој вид отпад да се собира одделно од комуналниот отпад, но и  да се овозможи негова преработка и рециклирање.

Амбасадорот Валунд, на чија иницијатива се реализираше и проектот за собирање стари батерии во поголемите маркети, истакна дека ќе продолжат со поддршката, бидејќи, како што рече, менаџирањето со отпадот е еден од нивните приоритети. Тој нагласи дека е потребно да се воспостави навика кај македонскиот народ за селекција на отпадот и оти резултатите од спроведените проекти веќе се гледаат.

Со добиената дозвола, управителот на „Нула отпад“ Марјанчо Дамески рече дека ќе придонесат за исполнување на законските обврски, но и оти ќе овозможат во Македонија да заживее системот за рационално и одржливо користење на отпадот, како и спречување на негативното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето.