Вкупно 356 апликации за лиценци за превоз во меѓуопштинскиот и меѓународниот патен сообраќај

Министерството за транспорт и врски денеска изврши годишна електронска распределба на линии во општинскиот и меѓународниот превоз на патници со објавување прелиминарна ранг листа на превозници.

На јавниот оглас, што траеше од 1 до 2 октомври, пристигнати се вкупно 356 апликации од кои во меѓуопштинскиот сообраќај 171 за нови линии и 28 за промена на постоечките, а во меѓународниот сообраќај 138 апликации за нови линии и 19 за промена на постоечките.

Превозниците можат да извршат увид во прелиминарната ранг листа за да видат кои линии се одобрени, а кои одбиени. Од Министерството најавуваат во најскоро време објавување на конечната листа.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој присуствуваше на јавната распределба, најави подобрување на условите во делот на патниот сообраќај и целосно елиминирање на дивите превозници.

Во тој контекст ги спомена измените на Законот за патен сообраќај во владина процедура со кои се предвидува трајно одземање на возилото доколку превозникот работи без лиценца. Во случај пак кога превозникот има лиценца, но врши превоз надвор од дозволата, ќе му биде времено одземено возилото, а доколку го повтори прекршокот, следува трајно одземање на возилото. Покрај ова, со измените на Кривичниот законик кои се во собраниска процедура, дивиот превоз станува кривично дело.    

- Доколку успееме целосно да го сузбиеме дивиот превоз тоа ќе овозможи поголеми приходи за легалните превозници и подобрување на возниот парк во државата. Тоа е нашата цел и ништо нема да не спречи да го оствариме тоа, нагласи министерот Јанакиески.

Досега, Министерството за транспорт и врски има издадено 4.006 лиценци за вршење превоз во патниот сообраќај од кои 558 за јавен превоз на патници, 159 за превоз за сопствени потреби на патници, 2.355 за превоз на стока и 934 за превоз за сопствени потреби за стока.

Електронскиот систем на распределба на меѓуопштински и меѓународни автобуски линии за првпат е воведен во 2009 година. Со него се избегнува човечкиот фактор и се ослободуваат превозниците од административните процедури за прибирање на потребната документација за аплицирање.