Отворена втората Младинска куќа на СОС Детско село

Четиринаесет младинци без родители и родителска грижа на возраст од 14 до 18 години ќе живеат во Младинска куќа на СОС Детско село што денеска беше отворена во Бардовци, општина Карпош.

Младинската куќа, во која ќе живеат седум момчиња и седум девојчиња, е втора фаза во грижата на децата што ја практикуваат СОС детските села, за поддршка на децата кои влегуваат во адолесцентната фаза и имаат различни потреби заради осамостојување преку учење практични животни вештини и поголема одговорност и грижа за сопствените потреби и иднина.

- Отворањето на оваа Младинска куќа или Мал групен дом ќе им овозможи на овие млади луѓе да имаат топол дом и еднаква шанса за интеграција во заедницата, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски кој заедно со претседателката на УО на СОС Детско село Владанка Давковска  ја отворија Младинската куќа.

Притоа, министерот Ристовски потсети на мерките што ги презема државата за да се подобри квалитетот на животот на овие деца и младинци и да им се даде поддршка за полесна интеграција во општеството. Ги посочи паричната помош од 180 илјади денари по навршување на полнолетноста и напуштањето на институциите, паричната помош од 4.000 односно 5.600 денари доколку редовно се школуваат, 9.000 денари за студенти кои првпат запишуваат година или се на магистерски или докторски студии, односно 18 илјади доколку тие не користат стан под закуп.

Неодамна, рече Ристовски, Владата донесе и нова мерка на секое дете без родители и родителска грижа да добие стан од државата, за што Владата одлучи најмалку 10 проценти од становите што ги гради АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор да бидат наменети за таа цел.

- За овие деца има иднина во оваа држава. Сите ние сме тука да ги поддржиме, а она што тие треба да го направат е максимално да ја искористат поддршката, рече Ристовски.

Претседателката на УО на СОС Детското село посочи дека ова е втора младинска куќа. Првата е отворена во 2007 во Радишани, каде живеат 15 младинци.

- Потребата се наметна уште во 2010 година. Ние на најразлични начини се обидувавме да го реализираме проектот, бидејќи без нова Младинска куќа децата во СОС Детско село растеа и се зголемуваше старосната граница, а се намалуваа можностите за прием на други помали деца на возраст од две до шест години, рече таа.

Средства за наем на куќата и покривање на оперативните трошоци обезбеди Фондацијата Херман Гмајнер од Австрија, а поддршка за опремување дадоа поголем број македонски компании и приватни лица.

Концептот на СОС детски села фукционира шеесетина години во 133 земји од светот.