Министерот Кралев додели 25 стипендии за најдобрите бруцоши на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска им додели стипендии на 25-те најдобри студенти запишани во прва година на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

Стипендиите, како што информира ресорниот министер, се во износ од 5.150 денари месечно или 61.800 денари годишно, а ќе се доделуваат во период од осум семестри. Тие се дел од потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Технолошко-металуршкиот факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Министерството за образование и наука и 19 реномирани македонски компании. Меморандумот предвидува и компаниите-потписнички да обезбедат 38 стипендии, а Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - 10 стипендии за најдобрите студенти на овој факултет.

Министерот Кралев очекува листата на вклучени компании во иднина да се проширува, како и бројот на факултетите што ќе соработуваат со стопанскиот сектор.

Целта на договорот, според него, е да се воспостави соработка меѓу бизнис-заедницата и Технолошко-металуршкиот факултет, кој генерира кадар што е дефицитарен на пазарот на трудот.

- Ова претставува само еден дел од активностите што ги спроведува Владата на Република Македонија, во насока на создавање подобри услови за младите студенти, особено од техничките науки, кои во моментов се дефицитарни на пазарот на труд. Големо е значењето на летната пракса предвидена во Меморандумот која овозможува веднаш по дипломирањето студентите да бидат реално употреблив кадар во индустријата. Тоа е шанса тие бргу да најдат работа, зашто токму компаниите се нивните идни работодавачи, рече Кралев.  

Со Меморандумот за соработка договорена е и летна пракса од шест до осум недели, во периодот од 15 јуни до 15 август, за студентите во втора и трета година, како и дневна пракса во траење од 30 до 40 работни денови годишно за студентите од втора, трета и четврта година. За летната и дневната пракса, компанијата треба му исплаќа соодветен надомест на студентот. Меморандумот овозможува и кратки курсеви за освежување на знаењето на постојниот кадар инженери технолози.