Невработените лица ќе се евидентираат според начинот на барање работа

Министерството за труд и социјална политика подготви измени и дополнувања на Законот за евиденциите од областа на трудот со цел да се изврши негово усогласување со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност во врска со евиденцијата на невработените и другите лица кои бараат вработување, со кој се извршија промени во нивната евиденција, информира денеска на прес-конференциај ресорниот министер Спиро Ристовски.

- Со донесените измени се воспоставуваат две евиденции. Евиденција на невработени лица кои активно бараат работа и евиденција на други лица што бараат работа. Ова се прави со цел да се даде поголем акцент и внимание на невработените лица кои активно бараат работа, со идентификување на нивните потреби соодветно на нивните знаења и вештини преку подготовка на индивидуален план за вработување, што ќе го подготвува Агенцијата за вработување, појасни Ристовски.

Во Законот, додаде, утврдено е кое лице се смета за невработено, кое активно бара работа и што се подразбира под активно барање работа во согласност со дефиницијата на Меѓународната организација на трудот.

Министерот за труд и социјална политика информира дека во постапка на донесување е и Посебен правилник со кој поконкретно се регулираат прашањата за видовите на евиденциите, на одделните регистри што се евидентираат во Агенцијата, како и содржината и начинот на воспоставувањето и водењето на регистрите.

- Измените се во насока за добивање реална слика на пазарот на труд, за активните баратели на работа преку проактивна улога на Агенцијата за вработување која преку индивидуалниот пристап ќе создаде услови за полесно вклучување на невработените лица во работниот процес, рече Ристовски, нагласувајќи дека ниту едно невработено лице нема да биде избришано и да ги изгуби правата стекнати по основ на невработеност.

Измените и дополнувањата на Законот и Правилникот ќе почнат да се применуваат од 23 декември годинава, со што ќе почне и обврската за пререгистрирање на евидентираните лица согласно со новите видови евиденција.

- При пријавувањето во Агенцијата за вработување во рамките на рокот утврден со закон лицата ќе пополнуваат посебен образец во кој се наведени основните податоци и барање на невработните лице во врска со барањето на работата. Граѓаните треба да се произнесат во која евиденција сакаат да бидат евидентирани, а соодветно на тоа ќе се подготви посебен индивидуален план за вработување, истакна Ристовски.

Евидентираните невработени лица, како што појасни, треба подготвениот индивидуален план за вработување да го потпишат, врз основа на кој Агенцијата за вработување преку активните програми и мерки за вработување ќе презема мерки, со цел обезбедување соодветно или погодно вработување на невработеното лице или обезбедување други услуги преку активните програми и мерки за вработување.