Република Македонија од денеска активен и полноправен учесник и во мировните мисии на ЕУ

Денес Министерoт на надворешни работи Никола Попоски, кој се наоѓа во работна посета на европските институции во Брисел ја потпиша Спогодбата помеѓу Република Македонија и Европската унија за воспоставување рамка за учество на Република Македонија во операциите на ЕУ за управување со кризи.  Спогодбата од страна на ЕУ, а во име на Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, ја потпиша извршниот генерален секретар на Европската служба за надворешни работи, Пјер Вимонт.

За време на средбата на министерот Попоски со извршниот генерален секретар Пјер Вимонт која се оствари по потпишувањето на Спогодбата, заеднички беше констатирано дека потпишувањето на Спогодбата придонесува за натамошно равивање на партнерските односи во рамките на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската унија, во која Македонија активно придонесува преку учество во неколку мировни операции предводени од ЕУ, како и во развојот на нејзините борбени капацитети.

На средбата стана збор за актуелните прашања од односите меѓу Република Македонија и Европската Унија, со посебен осврт на последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија и перспективите за премин во наредната фаза во процесот на пристапување кон Европската унија. При тоа Министерот Никола Попоски изрази очекување дека на состанокот на Советот на Европската унија во декември ќе биде постигнат консензус меѓу земјите-членки на Унијата во однос на определеување датум за почеток на преговорите за пристапување на Република Македонија кон Унијата.