Стартува производството на „Текнохосе“ во Бунарџик, инвестиција од 15 милиони евра и 200 вработувања

Италијанската компанија „Текнохосе“ денеска го почна производството во фабриката во Македонија лоцирана во ТИРЗ „Скопје 1“.  Почетната инвестиција е пет милиони евра со 50 вработувања, а во март наредната година почнува реализација на нова инвестиција од 10 милиони евра со што вкупниот број вработени ќе достигне 200.

Официјално фабриката во употреба ја пуштија премиерот Никола Груевски со целиот економски тим, генералниот директор на италијанската компанија Антонио Витило и италијанскиот амбасадор во Република Македонија Фабио Кристијани.

- И покрај тоа што светската економска криза имаше свое влијание на реализација на оваа инвестиција најавена уште во 2008 година, сепак резултатите не изостанаа. Пред нас е новата фабрика на италијанскиот инвеститор „Текнохосе“, рече премиерот Никола Груевски на пуштањето во употреба на новата фабрика.

Според премиерот, оваа инвестиција е уште една потврда дека владините економски политики ги даваат очекуваните резултати. - Во овие тешки години на светска економска криза и европска должничка криза само најдобрите и најснаодливите успеваат да опстојат, да ги алоцираат своите ресурси, да го реинвестираат својот капитал и да го прошират своето производство. Во вакви времиња „Текнохосе“ успеа во својата инвестиција, истакна премиерот Груевски.

Тој напомена дека во овој момент во слободната економска зона веќе произведуваат четири фабрики, а уште неколку се градат и се очекува да почнат со работа. Овие инвестиции, како и повеќе други кои се очекуваат треба да обезбедат неколку илјади нови вработувања што, како што рече премиерот, за Владата е од исклучителна важност.

Потсетувајќи на најновиот извештај на Светската банка „Дуинг бизнис 2013“ во кој Македонија останува лидер во регионот за водење бизнис, како и потврдата за кредитниот рејтинг од страна на агенцијата Фич, покажуваат дека работите во Македонија се движат во добра насока. Ова, смета премиерот Груевски, е јасен сигнал до сите идни инвеститори дека Македонија е стабилна земја со квалитетни економски политики. Тој изрази уверување дека таквите сигнали ќе стигнат до што е можно повеќе компании и многу инвеститори ќе ги следат чекорите на компаниите кои веќе инвестираа во Македонија.

Преговорите за инвестирање на италијанската компанија во Македонија, како што рече директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо, почнале во 2008 година и дека прв значаен чекор е направен во 2009 година со купување на објектот во Зоната во кој сега е сместена фабриката.

Фабриката е на простор од 3.000 метри квадратни и ќе произведува гумени армирани црева за висок притисок кои имаат примена во градежништвото, автомобилската индустрија и други индустрии. Производството е наменето за земјите од ЈИЕ и Русија.

Ова е прва фабрика на италијанската компанија изградена надвор од границите на Италија.

Генералниот директор на компанијата Витило истакнува дека во текот на реализацијата на инвестицијата имале за цело време поддршка од Владата. Потенцира дека причини зошто инвестирале во Македонија во период кога Македонија не била интересна локација за други италијански компании, е одличната географска местоположба, конкурентските трошоци и поволниот даночен систем.

- Поминаа пет години од моето прво патување во Македонија и сериозно размислував за тоа што нуди оваа земја. Сликата што ми беше презентирана беше совршена и се прашував што е замката на Македонија, истакна Витило, додавајќи дека одлуката да инвестираат надвор од нивната земја е многу важен чекор за нивата групација.

Италијанскиот амбасадор Фабио Кристијани потенцира дека италијанските инвестиции во Македонија не се на задоволително ниво, но изразува оптимизам дека ќе бидат поголеми во наредниот период.

Според него, оваа инвестиција е важна за Македонија зашто ќе им даде работа на многу семејства, а за неговата земја е важна бидејќи со неа се зголемува присуството на Италија како инвеститор во Македонија.

Тој потенцира дека вистинската вредност на инвестицијата е што таа ќе направи пренос на нова технологија.

Вицепремиерот Владимир Пешевски смета дека тоа што оваа фабрика е прва инвестиција на италијанската компанија надвор од нивната земја покажува оти Македонија има идеална клима за инвестирање. Економските политики на Владата се поставени исправно, рече Пешевски додавајќи дека секогаш може да се направи и подобро.

Истакнувајќи дека времињата кога само се ставаа камен темелници се зад нас и дека веќе во континуитет сме сведоци на отпочнување со работа  на се повеќе фабрики во зоната, вицепремиерот Пешевски рече дека процесот на реиндустријализација на Македонија продолжува под полна пареа.

Компанијата „Текнохосе“, која во Република Македонија е регистрирана под името „Витек Македонија“, е членка на италијанската групација Витилло, а во ТИРЗ Скопје 1 купи постоечки објект кој комплетно е реновиран да одговара на потребите на новото производство што претставува прва фаза од нивната инвестиција.

Ова е една од трите најавени фабрики што почнуваат со работа овој месец. Пред 10-тина дена беше пуштена во употреба „Кемет електроникс“, а за неделава е најавено отворање и на руската „Протек“.