Пуштена во сообраќај првата делница од проширениот булевар „Борис Трајковски“

Првата делница од проширениот булевар „Борис Трајковски“, поранешна улица „Првомајска“ на потегот од Рампа до крстосницата со улицата „Народни херои“ во должина од 1.380 метри денеска беше пуштена во сообраќај. Со проширувањето постојната тесна улица се трансформираше во булевар со четири коловозни ленти по две во секоја насока, широки по 3,5 метри.

На официјалното отворање за сообраќај на првата делница од проширениот булевар „Борис Трајковски“, присуствуваа премиерот Никола Груевски и градоначалниците на Град Скопје и на општина Кисела Вода, Коце Трајановски и Марјан Ѓорчев.

Некогашната тесна улица „Првомајска“, како што нагласи премиерот Груевски, се претвори во булевар „Борис Трајковски“, булевар со четири коловозни ленти, велосипедска патека и со сите останати пропратни содржини.

- Стоиме пред улицата која во минатото беше синоним за гужви, нервозни возачи, несигурни пешаци и целосен застој во сообраќајот. Улицата која многумина ветуваа дека ќе ја прошират и реконструираат, но никој не смогна сили да го реши долгогодишниот проблем, рече Груевски.

Проектите кои се од интерес за граѓаните, според него, заслужуваат поздрав, без разлика од која партија е градоначалникот.

- Постигнатото се гледа, а ефектите се чувствуваат. Секој оној кој ваквите проекти на градоначалникот Трајановски и советниците ќе ги окарактеризира како естетско и урбанистичко упропастување на градот неминовно доаѓа во судир со граѓаните и си наштетува себе си и на својата политичка опција. Изборите доаѓаат и си заминуваат, зборовите се паметат, а делата остануваат, подвлече Груевски.

Тој потсети дека во само пет дена беа пуштени повеќе капитални прокети меѓу кои и мостот што ги поврзува Сарај и Ѓорче Петров, новоизградените фасади во општина Центар, проширениот и реконструиран булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Карпош.

- Проширувањето на коловозните ленти се одвиваше по левата страна гледано во насока од Центар кон Драчево до општинските бараки во Кисела Вода, а потоа до расадникот од двете страни. На потегот од Рампа до општинската зграда по десната страна на коловозот гледано од Центар кон Драчево е формиран тротоар со променлива ширина, а од левата страна на коловозот изграден е тротоар со велосипедска патека со ширина од три метри, информира Трајановски.

Во текот на проширувањето на коловозот, додаде тој, била поставена и атмосферска канализација во должина од 1.380 метри.

- Градежните работи за проширување и реконструкција на булеварот „Борис Трајковски“ продолжуваат на втората делница на потегот од крстосницата со булеварот „Србија“ до влезот во поранешната фабрика „Стакларница“ во должина од 1.126 метри. Со комплетното завршување на овој капитален проект, сообраќајницата ќе добие нов лик со вкупна должина од 2,5 километри, нагласи Трајановски.

Градоначалникот Ѓорчев истакна дека и покрај проблемот со експропријација на имотот, Кисела Вода доби безбедност во сообраќајот, сигурност на пешаците и брза комуникациска врска со Градот Скопје.

За реализација на овој проект Градот Скопје вложи околу четири милиони евра, пари обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој и дополнителни средства од градскиот буџет.