Завршна конференција за проектот за унапредување на вештините на наставниците и директорите од средните стручни училишта

Во девет средни стручни училишта во  Македонија заврши проектот за унапредување на педагошките компетенции кај наставниците и лидерските вештини на директорите, кој се спроведуваше од јуни 2011 со експерти од Финска, каде што оваа програма со современи модели функционира подолго време.

Наставниците и директорите на училиштата поминаа обуки кои ги водеа експерти од Универзитетот за применети науки Јаваскула од Финска (ЈАМК). Главна цел е наставниците да се оспособат да ги научат учениците на практична обука што ќе им го олесни вработувањето. Друга целна група биле директорите кои треба да развијат лидерски вештини за развоен и проектен менаџмент. 

На завршната конференција на проектот, што денеска се одржа на Филозофскиот факултет, министерот за образование и наука Панче Кралев рече дека тој придонесува за зајакнување на животните и практичните вештини на учениците за полесен премин од училишната средина  кон пазарот на труд.

- Целите на проектот се во согласност со националната стратегија за образование во Република Македонија и реформските зафати што се вршат последниве години во средното стручно образование со крајна цел подобрување на економската и социјална состојба во земјата, бидејки квалитетните наставници и добро организираната практична обука ќе резултираат со добро подготвени и компетентни кандидати за работните места во компаниите, рече Кралев.

Леена Каиконен од Финска истакна  дека проектот е особено важен во услови на економска криза и е значаен за помош на младите луѓе и нивното вработување. Наставниците биле обучувани како да успеат да создадат средина на учење во која ќе се пренесува практично знаење. Наставниците мора постојано да се усовршуваат и да ги подобруваат врските со компаниите, рече Каиконен.

Наташа Галевска, проф. на Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет и координатор на проектот за Македонија изјави дека за наставниците биле организирани седум дводневни семинари, а меѓу нив училиштата добивале проектни задачи чии резултати беа денеска презентирани. За директорите, пак, биле организирани четири работилници.

Идејата е оваа програма  со поддршка на МОН да се подготви за акредитација и да биде студиска програма за педагошка доквалифијкација на сите наставници од средните стручни училишта, која сега е сведена на три испити. Таа би важела и за оние кои не се од наставнички факултети, а сакаат да работат во стручни училишта.

Проектот е целосно финансиран од Министерството за надворешни работи на Финска во рамки на програмата за помош на земјите од Западен Балкан.