На Урологија ќе се изведува операција за уретропластика, направени реконструктивни зафати на Клиниката

Универзитетската Клиника за урологија започнува со операција за уретропластика, која порано не се изведуваше во Македонија и пациентите одеа во странство. Направени се две интервенции кои се изведени како резултат на обуките во организација на Министерството за здравство. Еден специјалист од Клиниката беше испратен на едукација во Белград. По завршувањето на обуката, докторот и целиот тим самостојно извршија ваква интервенција.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Никола Тодоров по работниот состанок со директорот на Клиниката, Михал Пенев.

Станува збор за оперативен зафат на оштетен мочен меур, при што се зема дел од образот и се трансплантира во мочниот меур.

Министерот Тодоров смета дека овој проект кој го почнале со обуките ќе остане како еден од најсуштинските проекти за промена во здравството, имајќи предвид, како што рече, дека инвестираат во здравствената инфраструктура, во нова опрема, но човечкиот капитал е од исклучително значење во делот на здравството.

На Клиниката, информира Тодоров, се направени определени реконструктивни зафати во неколку соби, во ходникот и тоалетите, а комплетно е опремена и една лабораторија за научна работа, која ја користи целиот академски кадар на Клиниката.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Тодоров истакна дека трансплантацијата е многу светла точка на Клиниката.

- Она што порано беше незамисливо денеска го гледаме како една работа која сериозно се остварува. Направени се 15 трансплантации, а денеска ќе биде направена и 16-тата. Планирано е до крајот на оваа годинаа да бидат направени уште осум, што значи дека годинава ќе ја завршиме со 24 трансплантации. Претходните години имавме шест трансплантации годишно, рече Тодоров и најави зголемување на нивниот број.

За наредната година, потенцира тој, се планирани 30 трансплантации.

- Тоа се трансплантации од живи донори. Правилниците се сите изготвени и веќе се пуштени во процедура, а една од клучните уредби помина и на Комисија на Влада и на наредната седница ќе биде на расправа, додаде Тодоров.

Директорот на Клиниката, Пенев рече дека 90 отсто од малигномите на мочен меур и простата, третирани во јавното здравство, се работат на таа Клиника.