Ставрески: Догодина умерен раст на економијата

Умерен раст на економијата, меѓу највисоките или највисок во регионот, но под потенцијалната стапка што Македонија ја има или ја оствари пред кризата, се владините проекции за претстојната 2013 година.

- Како и да се одвиваат состојбите во однос на европската криза, не може да се очекува драстично, нагло подобрување или враќање на стапките на раст како оние пред кризата. Најверојатно сценарио е постепеното враќање на растот, но со ризици од двете страни во следните две години, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната дебата на БанкЕкспо.

Во однос на кризата, македонската како и сите влади во Европа е пред предизвикот да работи со повеќекратни сценарија.

- Нема едно сценарио зашто постојат повеќе варијанти како ќе се разрешува европската криза и со која динамика. Во сите сценарија е заедничко дека Македонија нема да оствари полош резултат од она што се случува во Европа, ќе оствари подобар резултат. Во делот на буџетот и јавните финансии, состојбите ќе бидат исто така подобри во однос на другите земји, напомена министерот.

Допрва, истакна, следат предизвици, времиња во кои ќе треба да продолжат политиките кои и досега овозможија избегнување на лошите сценарија. Македонија треба да извлече максимум од она што може како мала земја која е во Европа и која ги трпи последиците од кризата.

Владата преку нешто поголемо ниво на буџетска потрошувачка и натаму ќе му помага на стопанството за одржување на нивото на ликвидност до степен кој е можен.

- Ценевме дека во текот на оваа и следната година е покорисно привремено да одиме со проширување на буџетскиот дефицит што ќе овозможи поголема реализација на капитални инвестиции и целосно заокружување на исплатата на обврската кон фирмите. Среднорочно, Македонија ќе оди на постепено намалување на буџетскиот дефицит, истакна Ставрески.

Ако следната година има причина за намалување на буџетскиот дефицит или состојбата во Европа се влоши, Владата е подготвена да најде соодветни решенија.

Според Ставрески, за овој период нема дефинитивен одговор на прашањето дали треба нешто повисока потрошувачка и фискален стимул или треба да се штеди. Сепак, ставот на Владата е дека има потреба преку фискален стимул одмерено да се поддржи економската активност во следните две или три години на криза без притоа да се наруши долгорочната стабилност на јавните финансии.

- Ни претстојат многу предизвици, главно од случувањата во ЕУ, посебно во еврозоната. Идната година ќе биде тешка. Предвидуваме стагнација на економскиот раст, околу нула, како во 2012. Сепак, очекуваме заживување, но не од Европската унија. Ќе имаме повеќе странски инвестиции кои веќе почнуваат со производство кое ќе има ефекти. Државата почна и два големи инфраструктурни проекта кои  позитивно ќе се одразат врз економскиот раст, беше оценката на гувернерот Димитар Богов.

Ценовната стабилност ќе биде зачувана, нема да се наруши иако постојат одредени фактори, цените на светските берзи, на храната, на нафтата, кои се надвор од контролата на Народната банка. Можеби инфлацијата ќе биде нешто повисока, но околу три до 3,5 отсто, не драматично повисоко. Нема потенцијал да излезе од контрола.

- Во 2013 очекуваме ниска домашна побарувачка, без потенцијал за нарушување на ценовната стабилност. Не е лесно кога растат цените на основните прехранбени производи, тоа секако ќе погоди многу семејства, но задачата на Централната банка е да се грижи за општата ценовна стабилност и тоа ќе го стори. Ценовната стабилност ќе биде зачувана и тука не треба да има никакви дилеми, подвлече Богов.

Идната година се очекува и пораст на извозот поради зголемениот број извозно-ориентирани компании како резултат на странските директни инвестиции.

Во 2013 пред предизвици ќе биде исправен и банкарскиот сектор, но нема опасност од негово загрозување. - Банките во изминатиот период ги зајакнаа капиталот и ликвидноста што укажува на фактот дека се стабилни, рече гувернерот.

Тој особено укажа на потребата од консолидација зашто во Македонија, оцени, има премногу банки, 17. - Го ограбрувам ваквиот процес во кој нема простор за загриженост. Само можеме да добиеме на квалитет. Ни требаат повеќе силни, големи банки. Тогаш ќе се зголеми конкуренцијата. Малите немаат таква моќ, да дејствуваат на пазарот, да ја зголемат понудата на банкарски производи. Тоа го можат само големите банки, порача Богов.

Најголем проблем на стопанствениците, како што истакнаа во текот на дискусијата,  е ликвидноста. Тие се пожалија и на се уште бавните бирократски процедури, побараа релаксирање на монетарната политика, поврат на ДДВ, како и посредство од страна на банките во бизнисите меѓу Владата и компаниите со цел одложено плаќање на кредитите.

Во врска со ликвидноста, Ставрески претходно апелираше и до банките и до фирмите за забрзано користење на средствата обезбедени од странските крдитни линии под субвенционирани услови, пред се од Европската инвестициска банка. Овие пари се на располагање и може, рече вицепремиерот, да спасат многу претпријатија.