До социјална парична помош само со лична карта

Правото на социјална помош корисниците ќе може да го остварат само со документ за лична идентификација. Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски информира дека тоа ќе се спроведува веднаш и оти и новите баратели и оние кои ќе вршат обнова на првото за добивање социјална помош тоа ќе може да го направат само со лична карта.

- Во досегашниот начин на работа подносителите на барањата за социјална парична помош, како и постојните корисници на правото на социјална парична помош во текот на постапката за остварување на ова право, како и во текот на годишната обнова на документација беа должни во центрите за социјална работа за себе и за членовите на своите домаќинства да достават потврда за пензија остварена во земјава или во странство, листа на регистрирани податоци за остварен стаж, податоци за статусот на невработени лица, како и податоци за корисник на паричен надоместок по основ на невработеност, рече на денешната прес-конференција министерот Ристовски.

Тој додаде дека сега таа документација ќе се обезбедува електронски меѓу институциите, а врз основа на потпишаниот меморандум за соработка меѓу Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за труд и социјална политика.

Според министерот ова ќе придонесе да се намалат трошоците за остварување на социјалната помош, бидејќи барателите и корисниците нема да треба да одат од една до друга институција за да ја обезбедат потребната документација, но ќе значи и намалување на можноста од злоупотреба на системот.

За комплетна реализација на едношалтерскиот систем, како што рече министерот, почната е во тек постапка за електронска размена на податоците и со Управата за јавни приходи.

- Целта на оваа Владата и на Министерството за труд и социјална политика е помошта која ја даваме како државна да стигне во вистински раце кај вистински загрозени семејсва кои во одреден период од својот живот се нашле во социјален ризик, истакна на прес-конференцијата министерот за труд и социјална политика.  

Според евиденцијата на крајот на минатата година се регистрирани 39.000 приматели на социјална парична помош.