Нова лабораторија за молекуларна дијагностика

На Институтот за микробиологија и паразитологија при Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше промовирана Лабораторија за молекуларна дијагностика која ќе овозможи прецизни дијагнози за најтешко болни пациенти на кои итно им се потребни резултати.

Наместо за три до четири дена, резултатите ќе се добиваат за три-четири часа, а брзата реакција ќе спаси и многу животи. Со новата и современа опрема и лекарите ќе бидат побезбедни зашто со старата беа изложени на токсични дејства на некои реагенси што се употребуваат.

- Резултатите  кои се даваа за многу долг период, од три до четири дена, сега  ќе се добиваат за три до четири часа, и тоа е особено важно за болести кои може да предизвикаат брза смрт, смрт во неколку часа или во еден ден. Доколку брзо немате резултати, не можете да дадете соодветна терапија и пациентот може да почине. Со оваа лабораторја за неколку часа на најсовремен начин со најсовремена опрема се добиваат резултатите и може да се направи брза ракција за спас на многу животи, изјави премиерот Груевски, кој на Институтот беше придружуван од министрите за образование и наука и за здравство Панче Кралев и Никола Тодоров.

Лабораторијата е дел од проектот за набавка на лаборатории што го спроведува Министерството за образование и наука. Со неа Институтот веќе испорачува брзи и прецизни резултати на клиниките кои примаат најтешко болни - Хирургија, Инфективна, Гинекологија и на одделите за интензивна нега во различни клиники.

Покрај пациентите, корист ќе има и кадарот зашто ќе може да прави научни истражувања, на пример, да тестира отпорност на одредени антибиотици...