Груевски: Новите амбулантни возила се од голема корист за граѓаните

 За најмногу две седмици ќе бидат распределени новите 70 возила за итна медицинска помош во внатрешноста на Македонија, за кои се вложени 4,5 милиони евра. Четиринаесет од нив ќе бидат во Скопје, а останатите во други градови.

Премиерот Никола Груевски изјави дека возилата се квалитетно опремени со апарати кои му овозможуваат на лекарот за време на превезувањето да интервенира врз пациентот што е животно загрозен. Додаде дека со капацитетот на брзина што ја достигнуваат, новите возила се во вистинска смисла брза помош.  

- Инвестицијата е значајна, особено кога ќе се спореди со СДСМ кој во време на цел свој мандат инвестираше милион и пол евра севкупно во опрема во здравството. А ние имаме само во амбулантни возила 4,5 милиони евра, да не ја споменуваме севкупната опрема од 100 милиони евра за сите болници и клиники или, пак, реконструкциите или градба на нови болници, што е исто така приближно 100 милиони евра. Оваа инвестиција ќе спаси многу животи. Тоа е нашата улога - да правиме се што е можно да им помогнеме на луѓето  кои ќе се најдат во загрозена ситуација, рече Груевски по промоцијата на Лабораторијата за интелигентна роботика на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).