По 40 години, нова детска градинка во Ѓорче Петров

Околу 200 деца од населбите Даме Груев, Волково, Кисела јабука, Стопански двор и другите околни населени места од денеска ќе можат да бидат згрижени во новата детска градинка што беше пуштена во употреба во општината Ѓорче Петров.

„Пампурче“ е клон на детската градинка  „Росица“ и е прв објект за згрижување деца од предшколска возраст што е изграден во општината по 40 години. Објектот се простира на површина од 2.500 метри квадратни. Вкупната вредност на инвестицијата е 82,5 милиони денари, од кои 80 обезбеди Владата на Република Македонија, а останатите општината Ѓорче Петров.  

- Отворањето градинка блиску до местото на живеење на младите родители претставува вистинско олеснување и една грижа помалку за нив. Ние сме свесни за тоа и токму поради тоа Владата на Република Македонија донесе акциски план за реконструкција и отворање нови градинки на територијата на цела држава каде згрижувањето на најмладите е актуелен и долгогодишен проблем, истакна премиерот Никола Груевски на отворањето на детската градинка во општината Ѓорче Петров.

Тој рече дека го радува фактот што во повеќе места се јавува потреба за отворање нови детски градинки и најави дека таквите иницијативи Владата ќе ги поддржи со сите расположливи средства.

- Република Македонија со години наназад се соочува со намалување на бројот на новороденчиња. Последните педесетина години бројката на новородени деца е за двапати намалена и тоа е загрижувачки фактор за кој сите треба да се замислиме. Тоа доведува до пад на наталитетот и стареење на нацијата, а натаму и до голем број други општествени проблеми. Оваа појава претставува една од најлошите општествени појави со кои се соочуваат голем број земји од Европа и светот, истакна премиерот Груевски.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски рече дека со отворањето на оваа градинка се одговорило на потребите на граѓаните на општината Ѓорче Петров за згрижување деца од предшколската возраст.

- Утре ќе одговориме на потребите на граѓаните од некоја друга општина се додека во целост на ја реализираме нашата крајна цел и идеја, а тоа е секое дете да ги ужива благодетите на заедничката дружба со своите врсници во детските градинки во кои ги внесуваме европските стандарди во поглед на институционалните капацитети, но и во однос на воспитно образовниот процес, истакна Ристовски.

Тој најави дека за 2013 година во буџетот за областа на заштита на децата се предвидени 63,5 милиони денари, што споредено со минатата година е зголемување за 8,5 милиони денари.

- Најголемиот дел од средствата, околу 54 милиони денари ќе бидат наменети за изградба, опремување и одржување објекти за детска заштита, при што предвид е земена и инвестицијата од 12,6 милиони денари за отворање нови 14 градинки за згрижување на илјада деца од предшколска возраст во руралните средини во 13 општини, истакна министерот за труд и социјална политика.

За зголемување на квалитетот на згрижување, воспитание и образование на децата од предучилишна возраст, додаде Ристовски, во подготовка е и нов Предлог-закон за заштита на децата.