Почнува голем инвестициски циклус во железницата

На железничката станица во Куманово денеска стартуваа градежните работи за ремонт на железничките делници Куманово - Табановце и Миравци - Смоквица од Коридорот 10, во должина од 26 километри.

Активностите се дел од владиниот капитален проект  за целосен ремонт на делниците долж Коридорот 10 во должина од 54 километри за кои се обезбедени 17,6 милиони евра. Во втора фаза на проектот ќе се ревитализира и делницата Ногаевци-Неготино, во должина од 31 километар.

- Со почетокот на големата реконструкција на железничките пруги значително ќе се подобри функцијата на железницата, ќе се зголеми безбедноста на овој транспорт и ќе се овозможи побрзо движење на возовите до 120 километри на час со оглед дека нивната просечна брзина сега е од 40 до 50 километри, изјави премиерот Никола Груевски на почетокот на градежните работи.

Ревитализацијата на пругите треба да биде завршена за една година, а ќе ги изведува германскиот конзорциум „Wiebe & Alpine“. 

Покрај ревитализацијата на тие делници, укажа Груевски, почнати се подготвителни активности за ремонт на пругата Битола - Кременица што моментно не се користи. Со тоа повторно ќе се стави во употреба со што ќе се подобрат можностите за транспорт и превоз помеѓу Македонија и Грција. Нејзиниот ремонт, според премиерот, е значаен и за индустриската зона „Жабени“ кај Битола, а истовремено ќе се излезе во пресрет и на барањето на бизнис-заедницата за воспоставување железничка врска помеѓу Пелагонискиот регион и северниот дел на Грција.

Од Коридорот 10 предвидена е реконструкција и на железничката пруга на делниците Куманово - Дељадровце и Драчево - Велес, а ќе почнат активности и за рехабилитација и надградба и на поголемите железнички станици. Најдоцна до мај, најави,  треба да почне и изградбата на железничката пруга кон Бугарија на делницата Куманово-Бељаковце и веќе  се во тек подготовките.

Премиерот укажа и оти Владата почна проект за набавка на 150 вагони и 4 локомотиви. Во тек е избор на консултант кој треба да помогне за подготовка на тендерска документација. Кон крајот на првиот или почетокот на вториот квартал следната година треба да заврши анализата и да се објави тендерот за  набавка  и кон крајот на 2013 да се склучи договор за набавка на локомотивите  од кои поголемиот дел би пристигнале во  2014 година.

Според вицепремиерот Зоран Ставрески, во услови кога никој не може да прогнозира колку ќе трае европската должничка криза Владата на Република Македонија продолжува со напорите  да ја поттикне економската активност на земјата преку одржување високо ниво на капитални инвестиции. 

- Финансиите за проектот во износ од 17,5 милиони евра се обезбедени во услови кога економската криза налага поголема конкурентност и инвестиции во железничката инфраструктура  како најекономичен начин на транспорт на стоките и затоа  за Македонија е значајно да се подобри брзината на стоките, безбедноста на железницата и на  Коридорот 10 и на Коридорот 8, посочи Ставрески.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески нагласи дека почетокот на градежните активности за рехабилитација на  пругите се многу значајни за  инфраструктурата и се само сегмент  од визијата на Владата за подбрување на состојбите во таа област. Владата реализира и голем број други  активности, меѓу кои и  реконструкцијата на делницата Куманово-Бељаковце од Коридорот 8 во должина од 30 километри и очекуваме крајот на месецов или почетокот на следниот да имаме и распишан јавен повик за градежна компанија која ќе работи на овој проект и во првиот квартал  наредната година да склучиме договор за градежни работи, наведе Јанакиески.

Веќе  се изработени, додаде, и физибилити студија и идејни проекти за поврзување  со Албанија  делницата Кичево-Лин и на почетокот на следната година да има повик на изработка на главен проект.

Градежните работи за рехабилитација на пругите од Коридорот 10 опфаќаат санација на долниот строј на пругата, подобрување на техничките карактеристики на горниот строј на пругата преку замена на трулите дрвени прагови со нови армирано бетонски како и  замена на шините и положување нов толчаник. Исто така, со проектот е предвидено обнова на горниот строј на девет патни премини во ниво и истовремено ќе се врши замена на постојаните стојалиштата со нови бетонски елементи.