Основан Институт на сметководители и овластени сметководители

Сметководителите во иднина ќе ја организираат својата работа преку Институт. Преку тоа тело ќе се спроведуваат обуки и испити, ќе се издаваат уверенија и лиценци и ќе се контролира нивната работа.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска додели уверенија за сметководители и ги најави идните активности на институтот на сметководители и овластени сметководители по одржувањето на неговото основачко собрание.

Со основањето на Институтот престануваат законските обврски на Министерството за финансии поврзани со професионалното организирање и дејствување на сметководителите.

- Отсега натаму пред вас сметководителите и овластените сметководители престојат сериозни и обемни обврски - регистрирање на Институтот, избор на Управен одбор и комисии, формирање на подружници, воведување регистри, спроведување обуки и испити, издавање уверенија и лиценци, спроведување на контроли и сл., рече на свеченоста во Владата вицепремиерот Ставрески.

Тој ги повика сметководителите активно да се вклучат во работата на Институтот и да придонесат за негово успешно работење и етаблирање во препознатливо професионално здружение.

Министерството за финансии, како што рече, останува отворено за натамошна соработка со цел воспоставување стручно, транспарентно, професионално и одговорно водење на сметководството.

Ставрески информира дека до 6-ти овој месец до Министерството за финансии се поднесени вкупно 2.142 барања за уверенија. Заклучно со денеска Министерството издало 645 уверенија, а се обработени и дополнителни 417 барања за кои се подготвуваат уверенија и во наредните денови ќе бидат доставени до барателите. Тие бројки, според Ставрески, се показател оти интересот за добивање уверенија се зголемува со што се засилува и динамиката за нивно издавање.

На основачкото собрание на Институтот се донесени одлука за основање и статут и се избрани претседател и членови на Надзорниот одбор. Сите одлуки на основачкото собрание биле донесени со акламација.

- Со тоа се потврди дека професионалното здружување и организирање на сметководителите е нивна потреба и интерес, оцени вицепремиерот Зоран Ставрески.